Есенска кошничка ќе има уште идната недела. За неколку дена завршува мерката со која за околу 70 производи се ограничи бруто профитната маржа на 10 отсто. Но, овие неколку недела откако е на сила граѓаните пред камерата на Телма велат дека не почувствувале некое позначајно поевтинување. Сметаат дека вака осмислена мерката не треба да продолжи.
-Не даде мерката резултати ниту оваа мерка ниту претходните кои се воведуваа. Ако почнеме да се занимаваме со вакви мерки ќе заличиме на претходната Влада, а нели оваа Влада одлучи да прави структурни промени барем во економијата и да даде добри резултати, но ако се продолжи со овие маркет кошнички јас така ги нарекувам тогаш навистина нема да има резултати, освен што ќе им се даде на луѓето една перцепција дека еве нешто се случува и дека ние еве се бориме против таа инфлација и покачување на цените на пазарот, вели за Телма аналитичарот Абил Бауш.
Претходно и министерката за финансии Кочоска рече дека мерката да се ограничи бруто профитната маржа на 70 производи е преобемна и институциите немаат капацитет да прават проверки. Затоа и Кочоска се изјаснила дека не треба да се спроведува.
Но, и покрај ваквите сугестии министерот за економија Дурмиши е убеден дека мерката дава резултати. Пред неколку дена изјави дека производите поевтиниле во просек од 5 до 10 отсто при што едно четиричлено семејство заштедило од 700 до 1360 денари.
Тој планира вакви кошнички со други производи да има и за Божиќ, Велигден и Рамазан.