Становите во Скопје за една година поскапеле за 11,5 проценти. Податокот од Народната банка се однесува на состојбата во второто годинешно тримесечје. А, само во однос на претходниот квартал зголемувањето изнесува 8,2 насто.

Индексот на цените на недвижностите што го објавува домашната централна банка се базира на податоците од огласените станови за продажба на територијата на главниот град.

Според ова, цените за станбен метар квадратен во Скопје земале замав од април до јуни. Зашто, во првиот квартал од 2024 е регистрирано годишно движење од 4,7 проценти, додека во кварталната споредба има минус од 0,8 отсто.

Растот на цените упатува на пазарната логика за понудата и побарувачката. Односно, дека има расчекор на таа линија, при што превагнува интересот за купување станови во главниот град. Ова, и покрај градежната експанзија која со години не стивнува. За потсетување, лани во Скопје била завршена изградбата на 2.061 стан, со вкупна површина од 139.078 квадрати, од кои најмногу – 646 во Општина Центар. Исто така, последните податоци на Државниот завод за статистика, кои се за април годинава, покажуваат дека во план за градба се 710 станови, кои ќе опфатат корисна површина од 55.611 квадрати.

Исто така, како што е факт дека многу се гради, факт е дека и голем број станови остануваат празни. Тоа произлезе од пописот во 2021, кога се утврди дека една третина од становите во земјава се празни. И тоа, најмногу ги има таму каде што и најмногу се градат, во скопски Центар – 10.865. Тогаш во Скопје имало 59.300 такви станови, а проценките се дека сега се работи за повеќе од 75 илјади станови кои зјаат празни.