Врз основа на член 33 од Правилата за котација на Македонската берза на хартии од вредност, Комерцијална банка АД Скопје известува дека согласно Одлука на Надзорниот одбор на Банката и издадена согласност од Народната банка на Република Северна Македонија, од 11.06.2024 година продолжен е мандатот на постојните членови на Управниот одбор на Банката – Илија Илоски за период од четири и пол години и на Билјана Максимовска Поповиќ и Никола Џамбазовски за период од шест години.
Илија Илоски во Комерцијална банка АД Скопје е од 2006 година како Генерален директор, a од 2008 година ја извршува функцијата Главен оперативен директор и член на Управниот одбор.
Билјана Максимовска Поповиќ во текот на својата професионална кариера напредува на различни позиции во Комерцијална банка АД Скопје. Во 2003 година станува дел од менаџментот на Банката како директор на Дирекцијата за кредитирање на индустрија, а подоцна во 2007 година е назначена за директор на Секторот за кредитирање на стопанство. Од 2022 година ја извршува функцијата Главен директор за корпоративно банкарство и член на Управниот одбор на Комерцијална банка.
Д-р Никола Џамбазовски своето прво работно искуство го стекнува во Комерцијална банка АД Скопје каде во 2003 година се вработува како референт за безготовински платен промет во Самостојната дирекција за платен промет во земјата. Своето кариерно искуство го продолжува на повеќе позиции во Секторот за кредитирање на стопанство, каде што се стекнува со нови вештини и знаења. Од 2017 година е назначен за директор на новооснованата Самостојна дирекција за наплата на проблематични кредити, функција која ја извршува и денес. Од 2017 до 2022 година беше неизвршен член и Претседател на Одборот на директори на Тутунски комбинат Прилеп. Од 2022 година ја извршува функцијата Главен директор за продажба и развој и член на Управниот одбор на Комерцијална банка.
Управниот одбор на Комерцијална банка АД Скопје го сочинуваат:
- Хари Костов – Главен извршен директор и Претседател на Управниот одбор;
- Илија Илоски – Главен оперативен директор и член на Управниот одбор;
- Д-р Маја Стевкова Штериева – Главен финансов директор и член на Управниот одбор;
- Билјана Максимовска Поповиќ – Главен директор за корпоративно банкарство и член на Управниот одбор;
- Д-р Никола Џамбазовски – Главен директор за продажба и развој и член на Управниот одбор;