Извршниот директор на „Тесла“ и „Спејс екс“, Илон Маск, предвидува дека кинеската економија на крајот ќе биде барем дупло поголема од американската, што би повлекло и воено ривалство меѓу двете големи нации.
– Она што ќе изгледа прилично чудно е тоа што кинеската економија веројатно ќе биде барем двојно поголема од американската, можеби и трипати поголема – истакна Маск во разговор со генерал-потполковникот на американските воздушни сили, Џон Томпсон, на симпозиум во Флорида.
Според него, основата на војната е економијата.
– Ако имате половина од ресурсите на другата страна, тогаш е подобро да бидете иновативни. Ако не сте иновативни, ќе загубите – истакна Маск.
Овие земји веќе се двете најголеми светски економии. САД доминираат со 21,44 трилион долари номинално БДП и сочинуваат една четвртина од светската економија. Меѓутоа, Кина е најбрзо растечка економија со БДП од 14,14 трилиони долари.
Со оглед на тоа дека кинеското население е околу четири пати помногубројно од американското, Маск истакна дека тоа ќе ја намали пречката Кина да ја надмине економската величина. Според пописите, во САД живеат околу 330 милиони лица, додека во Кина повеќе од 1,3 милијарда.
– Потребно е само БДП по глава на жител да биде на половина од оној на САД за нивната економија да биде двојно поголема од нашата – рече Маск.
Ако ги претекне САД, Кина веројатно би предизвикала уште поголема напнатост меѓу двете земји, кои веќе се пречкаат околу трговијата и 5Г-технологијата.