Македонија е дел од 36-тото издание на интернационалниот саем за туризам ”HOLIDAY&SPA EXPO” во Софија, Бугарија. Репрезентативниот македонски штанд има рекорден број ко-егзибитори, претставници од туристичкиот сектор, кои првиот ден од саемот го искористија за зацврстување на воспоставените туристички релации меѓу двете земји. Намената на првиот бизнис ден кој е отворен само за професионалци во туристичката индустрија има за цел подобро вмрежување со тековните партнери и запознавање на нови.
Македонија е дел од ,,HOLIDAY&SPA EXPO” заедно со повеќе од 380 изложувачи од над 22 земји и 60 дестинации и туристички региони, како и над 20.000 професионалци од туристичката индустрија – учесници, посетители и гости.
Од 14-ти до 16-ти февруари претставници на Агенцијата за туризaм, општина Крушево, како и претставници од приватниот сектор, хотел Силекс, хотел Парк, хотел Климетица, хотел и спа центар Сириус, хотел Гоогов, хотел Изгрев, тур-операторот Фибула и ТА Маседониа Холидејс ќе ги промовираат туристичките дестинации на Македонија.
Бројот од 52 659 бугарски турски годишно со остварени 89,028 ноќевања го наметнува интересот и потребата за отворање авио линии за поврзување на Охрид и Скопје со Софија и остнати градови во Бугарија. Целта е зголемување на калитетот и продолжување на нивниот престој во Македонија, како и уживање на туристичките содржини.
Посета на манастири, патувања во источниот дел на Македонија, Берово, Делчево, Пехчево, Кратово и Струмица на гастрономски тури, се дел од интересот на бугарските туристи при посета во нашата земја. Охрид и Скопје остануваат најпосетените дестинации за туристите од Бугарија.
,,Агенцијата оценува според интересот на посетителите на саемот во Софија дека ќе продолжи позитивниот трендот на раст на бугарски туристи од 20 до 30 отсто во 2019 година. Македонија ќе ја посетат слободни патувачи и туристи кои се повеќе се интересираат за националните паркови, руралниот и еко туризмот, како и традиционалните манифестации”, констатира директорот на Агенцијата за туризам, Љупчо Јаневски.
Македонија во 2018 година ја посетил евкупно 1 126 935 туристи, со остварени 3 176 808 ноќевања, број за кој напорно работеше туристичкиот сектор на нашата земја. Во периодот јануари − декември 2018 година, во однос на истиот период од претходната година, бројот на туристите е зголемен за 12.8 %, додека бројот на ноќевањата е зголемен за 14.5 отсто.