Во јули инфлацијата е 8,4 отсто, а во јуни на годишно ниво изнесуваше 9,3 отсто. На месечно ниво и натаму има пораст на трошоците за живот од еден отсто. Но пораст на индексот на трошоците за живот во јули годинава во однос на истиот месец лани има кај сите поважни производи во групата храна: кај лебот и житата има раст од 10,9 отсто, кај месото за 15,7 отсто, кај млекото, сирењето и јајцата за 13 отсто, кај овошјето за 17,7 отсто и кај зеленчукот за 21,5 отсто.
Објавени економски показатели преку статистички податоци за јули
Индексот на трошоците за живот во јули 2023 година, во однос на јули 2022 година, бележи зголемување од 8,4 отсто, а индексот на цените на мало бележи зголемување од 4,9 отсто. Според податоците на Државниот завод за статистика, индексот на трошоците за живот во јули 2023 година, во споредба со претходниот месец, изнесува 101, а индексот на цените на мало изнесува 101,6. Податоците за индексот на трошоците за живот за минатиот месец се во согласност со проекциите на Народната банка на Македонија за „забавување на инфлацијата“ до крајот на годината. Тоа го покажуваат и споредбените податоци за домашната инфлација, која во јуни 2023 година се сведе на едноцифрено ниво од 9,3 отсто. Во мај стапката на инфлација изнесуваше 11,3 отсто.
Но тоа што може да се забележи од завчерашното соопштение на Државниот завод за статистика е дека индексот на трошоците за живот во групата храна и безалкохолни пијалаци е за неколку проценти повисока во однос на просечната јулска инфлација од 8,4 отсто.
Имено, индексот на трошоците за живот во групата производи храна и безалкохолни пијалаци, во периодот јули 2023/јули 2022 година, покажува раст од 11,8 отсто. Во периодот јануари-јули 2023 година, споредбено со јануари-јули 2022 година, индексот на трошоците за храна и пијалаци е повисок за 12,8 отсто.
Пораст на индексот на трошоците за живот во јули годинава во однос на истиот месец лани има кај сите поважни производи во групата храна: кај лебот и житата има раст од 10,9 отсто, кај месото за 15,7 отсто, кај млекото, сирењето и јајцата за 13 отсто, кај овошјето за 17,7 отсто и кај зеленчукот за 21,5 отсто. Единствено намалување има кај маслата и мастите за триесет отсто. Во истиот споредбен период (VII-23/VII-22), индексот на цените на мало за групата земјоделски производи е поголем за 14,9 отсто, додека за прехранбените производи има зголемување од 11,8 отсто. Овие податоци се особено важни за статистичката анализа за движењето на годишниот индекс на трошоците за живот, ако се знае дека најголемиот дел од личната потрошувачка на македонските граѓани се однесува на храната, која учествува со над 50 отсто од вкупните месечни приходи. Ова е многу повисоко од тоа што европските граѓани го трошат за храна во текот на еден месец.
Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи соопшти дека се работи на тоа инфлацијата да се сведе на минимум до крајот на оваа календарска година, со цел да се заштити стандардот на граѓаните.
– Овие бројки се во согласност и со владините проекции со кои се предвидува просечната инфлација за 2023 да изнесува 8,9 отсто. Владата посветува големо внимание и на креирање позитивна бизнис-клима, каде што компаниите ќе бидат мотивирани да исплаќаат компетитивни плати, чиј раст на годишно ниво ќе биде далеку над растот на трошоците за живот. Растот на просечната плата очекувам и понатаму да продолжи со двоцифрени стапки и, секако, да биде значително над растот на трошоците за живот, што во превод би значело и реален раст на куповната моќ на нашите сограѓани – изјави Битиќи.
Трошоците за живот во јули годинава се зголемени за еден процент во споредба со јуни, а цените на мало за 1,6 процент. Пораст на трошоците за живот е забележан кај свежото и разладеното овошје за 12,6 проценти, лебот и житата за 3,8 проценти, сирењето и урдата за 1,8 процент, рибата и морските плодови, млекото за 0,9 проценти, шеќерот, џемот, медот, чоколадата и кондиторските производи за 0,5 проценти. Пораст е забележан и кај воздухопловниот патнички транспорт, електричната енергија, услугите за сместување, домашните услуги и услугите за домаќинствата, течните горива за домаќинствата, фризерските салони и центрите за разубавување….
Но притисокот од пораст на цените во Македонија сѐ уште не е целосно намален, од причина што намалувањето на инфлацијата во летните месеци е условено главно од пониските трошоци за живот. Во наредните месеци се очекува цените на храната и на другите поважни суровини и енергенти да забележат нагорен тренд. Од денеска има нови повисоки цени на горивата на бензинските пумпи во земјата, што се должи на неколкунеделниот раст на берзанските цени на нафтата.
На ова треба да се додаде и информацијата од ФАО, Агенцијата за храна на ОН, каде што е наведено дека цената на храната во јули пораснала, што е првпат од крајот на минатата година. Индексот на цената на кошничката на основните прехранбени производи во јули пораснале за 1,3 отсто во однос на ревидираниот просек во мај и изнесува 123,9 бода. Во однос на минатиот јули цените се пониски за 12 отсто. Највисок пораст на цените има кај оризот, за 2,9 отсто, поради ограничувањето на индискиот извоз, што може да се одрази на снабдувањето со храна за најсиромашните земји, предупредува ФАО.