Инфлацијата во еврозоната благо се намали во јули и се лизна на 5,3 отсто, покажаа најновите проценки на Евростат во петокот.
Во јули годишната стапка на инфлација во еврозоната мерена со хармонизираниот индекс на потрошувачките цени (HICP) изнесуваше 5,3 отсто, објави Европскиот завод за статистика, што е во согласност со првата проценка објавена на 31 јули, пренесува Хина.
Во јуни таа изнесуваше 5,5 отсто, како што покажа извештајот на крајот на минатиот месец.
На месечна основа, цените во 20-члената економија се лизнаа за 0,1 отсто во јули, во согласност со првата проценка.
Цените на енергијата во јули беа за 6,1 отсто пониски во однос на истиот месец минатата година, по падот од 5,6 отсто во јуни, покажува извештајот, во согласност со проценката на 31 јули.
Цената на свежата храна порасна за 9,2 отсто на годишно ниво, нешто посилно од јуни, а благо забрзан е и растот на цените на услугите, на 5,6 отсто, од јунските 5,4 отсто, како што покажа првата проценка.
Без цените на храната и енергијата, инфлацијата во еврозоната во јули изнесуваше 6,6 отсто и беше за 0,2 процентни поени пониска од јуни, според проценката на крајот на јули.
Во цела ЕУ цените се зголемија за 6,1 отсто во однос на истиот месец лани, откако во јуни беа повисоки за 6,4 отсто.
Најсилен раст на потрошувачките цени на годишна основа во јули забележа Унгарија од 17,5 отсто, според последните проценки.
Следуваат Словачка и Полска со годишна стапка на инфлација од 10,3 отсто.
Во групата со двоцифрени стапки уште е и Чешка, каде инфлацијата изнесуваше 10,2 отсто.
Највисока едноцифрена стапка на инфлација забележа Романија од 8,9 отсто.
Следува Хрватска со стапка на инфлација мерена со ХИЦП од осум проценти во јули во однос на истиот месец лани.