Годишната стапка на инфлација во Турција надмина 75 отсто во мај. Според проценките на властите, цените на стоките за широка потрошувачка го достигнаа својот врв, а во јуни се очекува намалување на инфлацијата, пренесе француската новинска агенција АФП.
Според официјалните податоци, годишната стапка на инфлација во мај изнесувала 75,45 отсто, откако во април била 69,8 отсто. На месечна основа, цените на производите за широка потрошувачка се зголемија за 3,7 отсто, резимираат податоците на турскиот завод за статистика, пренесува Франс прес.
„Најтешкиот дел е зад нас“, напиша денеска турскиот министер за финансии Мехмет Шимшек кога на социјалната мрежа Х беа објавени најновите податоци за инфлацијата.
Воедно најави дека во јуни ќе започне трајно намалување на стапката на инфлација. Преодниот период во борбата против инфлацијата заврши и влегуваме во процес на намалување на стапката на инфлација, напиша тој.
Според очекувањата на министерот, годишната стапка на инфлација „многу веројатно“ ќе падне под 50 отсто до крајот на третиот квартал.
До крајот на годината стапката на инфлација ќе падне на 38 отсто, објави минатиот месец гувернерот на турската централна банка Фатих Карахах. Истовремено, тој оцени дека инфлацијата ќе го достигне својот врв во мај, а ќе се намали во јуни.