Инфлацијата успорува. Државна статистика пресмета 8,4% раст на трошоците за живот. Поскапена е и минималната кошничка. Бројките покажуваат дека минатиот месец, просечно семејство за основните потреби требало да издвои 48.620 денари. Домашниот буџет, повторно најмногу се празнел за храна и пијалоци.
„Иако инфлацијата се намалува од месец за месец и не е повеќе двоцифрена и за месец јули изнесува 8,4%, реалноста не е таа кога ќе се погледне реалната слика на минимална кошничка која од месец за месец е се поголема. За разлика од месец јуни е зголемена за 441 денар. Најголемо зголемување има кај домување, односно кај комуналните трошоци од 2,4% и како и секој месец има зголемување кај храната и пијалоците, за 1%.“ – Светлана Димоски, ССМ.
Статистиката покажува дека за една година најмногу поскапела храната. Лебот и житата се продаваат по зголемена цена за над 24%, слично како и месото. Млекото, сирењето и јајцата над 23%. Овошјето и зеленчукот за околу 10%.
Во меѓувреме, африканската чума која покоси илјаданици свињи во Србија, ќе ја покачи цената на свинското месо и кај нас, велат од ресорната групација.
„Сигурно ќе влијае, тоа е подобро прашање за фармерите. Зависи нивните капацитети какви се. Досега добро се држеа, мене ако ме прашате, оти соработуваме со нив. Имаат добри био-сигурносни мерки и добро се држеа. Поентата на оваа болест е да се научиме да функционираме во рамки на таа болест, бидејќи се уште нема лек. Има некои обиди за вакцина. Нема штети по здравјето на луѓето, но има големи економски штети.“ – Гоце Трајчев, претседател на Групацијата за преработка на месо.
Вицепремиерот Битиќи, пак, на ФБ напиша дека Владата максимално работи за инфлацијата да ја сведе на минимум до крајот на годината.
„Овие бројки се во согласност и со Владините проекции со кои се предвидува просечната инфлација за 2023 да изнесува 8,9%. Од друга страна, оваа Влада посветува големо внимание и на креирање на позитивна бизнис клима, каде компаниите ќе бидат мотивирани да исплаќаат компетитивни плати чиј раст на годишно ниво ќе биде далеку над растот на трошоците на живот. Растот на просечната плата очекувам и понатаму да продолжи со двоцифрени стапки, и секако да биде значително над растот на трошоците на живот, што во превод би значело и реален раст на куповната моќ на нашите сограѓани“, пишува тој.
Инаку за минатиот месец, Европската унија забележа инфлација од 5,3%.