Фондот за иновации и технолошки развој ги презентираше инструментите за финансиска поддршка на домашните компании пред членките на Македонската банкарска асоцијација во која членуват сите деловни банки и штедилници. Целта на ФИТР е поттикнување на банкарскиот сектор за поактивно вклучување во ко-финансирање на програмите за иновации и технолошки развој.
Пред директорите и членови на управни одбори на сите банки во земјава, им беа презентирани и резултатите од досегашното работење на Фондот преку анализата на спроведувањето на проектите и ефектите за домашната економија. На средбата беше дискутирано и како можностите за кредитирање од страна на банките да станат подостапни не само за корисниците на ФИТР туку и за компаниите чии предлог проекти поради ограничените финансиски ресурси на Фондот не се одобрени за финансирање, а имаат потенцијал.
“Сакаме да ги видиме банките како наши партнери во поддршка на растот на македонската економија,“ изјави директорот на ФИТР, Јован Деспотовски по средбата.
Претставниците на банките позитивно ја оценуваат работата на ФИТР и изразија подготвеност дека ќе ги разгледаат сите можности за финансирање, како и да се воспостави пракса за размена на информации помеѓу ФИТР и МБА за успешна реализација на овие иницијативи.
Портфолиото на ФИТР во последниве две години бележи седмоструко зголемување во однос на бројот на корисници од периодот 2014 – 2017 и сега брои 250 микро, мали, средни и големи домашни компании. Овие компании реализираат инвестиции во износ од околу 40 милиони евра, од кои 23 милиони се обезбедени како ко-финансирање од Владата и Светската банка. Покрај своите инструменти, поради сѐ поголемиот интерес и бројот на квалитетни проекти, ФИТР постојано работи на изнаоѓање на дополнителен извор за финансиска поддршка на домашните компании.