Пазарните инспектори се на терен низ цела држава. Се прават проверки дали се применуваат ограничените профитни маржи. Од денеска, контроли и на малите маркети и бурекчилниците, ќе се опфатат и трговците на големо. Веќе има казни…

Пазарниот инспекторат ги испорача првите казни за непочитувачите на владината одлука за ограничени трговски маржи. Во 60-ина контроли низ целата држава, осуммина трговци треба да искешираат 1,2 милиони денари.

Потрошувачи во анкета за МТВ велат дека генерално нема големо отстапување во цените пред и по носењето на одлуката, а онаму кадешто има – корекцијата е минимална.

Ако трговецот на мало претходно одел со бруто профитна маржа од 6%, нема обврска да ја намали цената на производот затоа што таа веќе се движи во рамките на предвидениот максимум до 10 насто, појаснуваат од Пазарниот инспекторат. Од тие причини, велат, граѓаните воочуваат дека некои производи ја задржале цената.

Корекција на цените ќе нема и кај некои пекарски производи.

На 20-ти септември Владата ја ограничи маржата за основните производи и тоа до 5 проценти во големопродажба и 10 насто за оние кои се нудат во локалните дуќанчиња и маркети. Во меѓувреме, се чека да се донесе и Законот за нефер трговски практики.