Ниту Владата, ниту Собранието, ниту Претседателот на државата не успеале да одолеат на сите повреди кои се случувале при носењето на специјалниот закон „Бехтел и Енка“ и понатамошните промени на придружната регулатива. Ова го покажува анализата на Институтот за демократија „Социетас Цивилис – Скопје“ насловена- Интегритет при носење одлуки: Системски пропусти во случајот „Бехтел Енка“. Американско-турскиот конзорциум ќе го гради Коридорот 8 и 10д, а договорот е таен за јавноста.
„Тоа што може да го знаеме е дека на очиглед на сите пропусти иако го имале правото да спречат тоа не го направиле и со тоа овозможиле ризикот од корупција, не корупција, туку ризикот од корупција дека таа понатаму може да се случи и да се озакони“, вели авторот на анализата Миша Поповиќ од Институт за демократија
Случајот со носењето на Законот за изградба коридорите 8 и 10д , како што наведува анализата, покажува како четири контролни точки во процесот не успеваат да обезбедат интегритет при носење на одлуките.
„Приватниот интерес на конзорциумот влегува непречено во процесот на носење одлуки во Владата, каде што се занемаруваат и закони и деловник за работа. Собранието не ја остварува својата контролна и консултативна улога, туку занемарувајќи го сопствениот деловник за работа овозможува суштествени пропусти при носењето на дискутираните закони. Последната точка,на патот на една идеја до влегување на закон во сила, Претседателот ги занемарува сите претходно акумулирани пропусти и не ја користи својата улога на контратежа во процесот на носење одлуки. Сето ова упатува на потребата во иднина да се прошири обемот на контрола, вклучувајќи ја и судската власт во ценење на процесот на носење одлуки“, се наведува во анализата.
Државната комисија за спречување на корупцијата- ДКСК го истражува договорот со „Бехтел и Енка“.
„Ја имаме само скратена варијата на договорот. Се работи за комплексен предмет за кој треба време“, велат од ДКСК за Телма.
Од Владата се правдаа дека договорот е во форма во која што бил одобрен за ограничена употреба од засегнати страни. Но, не е познато зошто договорот е деловна тајна кога едното правно лице во оваа зделка е Јавно претпријатие кое троши пари на граѓаните од Буџетот.
Собранието при крајот на мај ги изгласа петте закони со европско знаменце кои овозможија реализација на договорот со „Бехтел и Енка“. Потоа претседателот Стево Пендаровски ги потпиша указите.