Проектот за модернизација на земјоделското производство ќе почне годинава и ќе трае до 2025-та. Првите активности ќе бидат насочени кон изградба на откупно-дистрибутивни центри во Скопје, Струмица и Ресен.

Како што соопшти вчера министерот за земјоделство, Трајан Димковски, проектот деновиве е одобрен од Бордот на директори на Светска банка. Со тоа се обезбедени 46 милиони евра од кои 32 милиона се за откупно-дистрибутвни центри. Локацијата за откупно-дистрибутивен центар во Скопје е веќе дефинирана, а за Ресен и Струмица допрва треба да се утврди.

-Со овој проект е планирано да се реши и долгогодишното прашање, целото државно земјоделско земјиште да се стави во еден систем и тоа ќе се работи интензивно, во период од три-четири години. Планирано е да се гради и кафилерија за која се проектирани 4,5 милиони евра грант од Делегацијата на ЕУ во Скопје, а средства има и за опремување на Платежната агенција, информира Димковски.

Околу 1,2 милиона евра се планирани за советодавни услуги и едукација на земјоделците.