Макроекономските движења од почетокот на ланската година како во земјава, така и во светот, беа под директно влијание на глобалната здравствена криза која со себе донесе многу неизвесности и нестабилности. Сепак, и во услови на криза, нашиот банкарски сектор успеа да ја задржи стабилноста и отпорноста на шокови. Притоа, и покрај сите ризици предизвикани од кризата, депозитите не престанаа да растат. Во октомври, светскиот месец на штедење, за штедењето и важноста да се штеди како за секој поединец, така и за економијата во целина, но и за новините во понудата за штедење, зборуваме со Елена Поцев, директор на Дирекцијата за управување со депозити на Халкбанк.

1.Минатата година беше исклучително тешка бидејќи се случи глобална здравствена криза предизвикана од Ковид-19, која освен што одзеде многу човечки животи, се одрази негативно и на економијата. Многу бизниси пропаднаа, многу луѓе останаа без работа. Сепак, нашиот банкарски сектор како да не ја почувствува кризата. Она што можеби изненадува е дека и во вакви услови имавме раст на депозити. Како се објаснува ова?

Ланската година на ниво на банкарскиот сектор имавме раст на депозитите од 5,9%. Според она што го објави Централната банка, кај домаќинствата на годишна основа имавме раст од 4,6% и 10,1% кај корпоративниот сектор. Овие показатели укажуваат дека и покрај пандемиската година, населението и бизнисите успеале да одвојат значајни средства во форма на заштеди.  Би кажала дека во нашата земја е евидентно дека постои традиција на штедење. Имаме постојано зголемување на депозитите кои дури и во време на економската криза растеа. Еве на пример, во 2010 година заштедите изнесуваа 3,5 милијарди евра, а ланската година ја завршивме со депозитна база од 7,1 милијарди евра. Мислам дека и кризата предизвикана од пандемијата дополнително покажа колку е важно штедењето, колку е важно да се има „нешто на страна“ за непредвидливи и несакани ситуации. Нормално, добро е да се штеди и за убави работи, за решавање станбени прашања, за школување, свадби, патувања, но заштеди се потребни и за несакани состојби.

2. Многу пати е кажано дека штедењето е важно не само за секој поединец, туку и за економијата на секоја земја. Тоа секако се потврди и ланската година?

Токму така. Штедењето е основниот и најважниот чекор кон обезбедување сигурна финансиска иднина на долг рок. Како за секоја индивидуа, така и за целата заедница бидејќи депозитите влијаат на придвижување на економијата и на економскиот раст, влијаат на раст на приватната потрошувачка и инвестициската активност на фирмите, односно даваат можност за долгорочни пласмани и поддршка на инвестициски проект, а значат и заштита во време на кризи / кризни времиња.

Стабилноста на нашиот банкарски систем која се градеше изминативе децении, во голема мерка благодарение на постојаниот раст на депозитната база, и високата капитализација овозможија минатата година банките да можат да одговорат на кризата со одложено плаќање на обврските и со зголемено кредитирање, а секако и со помош кон државата (предвремено плаќање на обврските), стопанството и заедницата, особено со поддршка на здравствениот сектор.

3. Дали здравствената криза негативно се одрази на Халкбанк, пред сè во поглед на депозитната база?

Ланската година, иако кризна, слободно можам да кажам дека беше успешна за Халкбанк, бидејќи освен остварени позитивни финансиски резултати, донесе и зголемување на капиталот и раст на депозитната база далеку над просечниот раст на секторот. Впрочем, Халкбанк перманентно има раст на депозитната база. На пример, во 2019 година, растот кај депозити од клиенти изнесуваше 26,25%. Ланската година депозитите од клиенти пораснаа за 22,4% во однос на 2019 година. Заклучно со 31.12.2020 година вкупните депозити на Халкбанк изнесуваа над 830 милиони евра. Кај населението депозитите пораснаа за 17,5%, а на правните лица и останати депозити за 26,2%.

Банката 2020 година ја заврши со над 187 илјади клиенти и повеќе од 236 илјади трансакциски сметки.

Растот на депозитната база во секој случај покажува колку е голема довербата на клиентите кон  Халкбанк, нешто на што ние како банка работиме континуирано уште од влезот на македонскиот финансиски пазар. Освен тоа, ние сме познати и по разновидната понуда на различни депозитни производи, прилагодени на потребите на клиентите и секако постојаното воведување нови, иновативни производи.

4. Каква е состојбата во поглед на штедењето годинава и на ниво на банкарскиот сектор и кај Халкбанк, со оглед дека здравствената криза продолжи и во 2021 година? Во која валута најмногу се штеди во Халкбанк?

Според она што последно го објави НБРСМ, вкупните депозити во август остварија раст од 1,8% на месечно, односно 9,9% и годишно ниво. Кај вкупните депозити на домаќинствата, во август е забележан месечен раст од 0,9%, којшто во целост се должи на зголемените депозитни пари и краткорочните депозити во странска валута. Во споредба со истиот месец претходната година, овие депозити се повисоки за 7,4%. Во август, вкупните депозити на корпоративниот сектор, бележат раст за 4,0% на месечна основа, односно на  годишна основа од 20,2%.

И кај Халкбанк продолжи трендот на зголемување на депозитната база. Заклучно со 30.09.2021 вкупните депозити на Халкбанк изнесуваат над 851 милиони евра, односно над 753 милиони евра се депозити на клиенти. Во моментот тоа претставува раст од 7,9%, споредено со крајот на минатата година. Од гореспоненатава бројка, 46% се депозити на население., Кога зборуваме за валутата во која се чуваат средствата, банката има повеќе депозити во домашна валута. Односно, со крајот на септември оваа година, 55% се заштеди во денари, а 45% се заштеди во странски валути кај депозитите од клиенти.

5. Спомнавте дека како банка водите сметка за потребите на клиентите и постојано воведувате нови депозитни производи. Деновиве повторно го реактивиравте Промо депозитот. Кои се неговите карактеристиките и по што истиот е атрактивен?

Точно така. Халкбанк традиционално во месец Октомври – месецот на штедењето го иновира Промо депозитот. Оваа година Промо Депозитот нуди можност за орочување на средствата на 13 и 25 месеци, со навистина атрактивни каматни стапки. Покрај тоа, кај  депозити орочени на 13 месеци, каматата изнесува 1% за заштеди во денари, односно 0,80% за депозити во евра. За орочување на период од 25 месеци, каматната стапка изнесува 1,30% за денарско штедење, односно 1% за штедење во евра. Каматите се фиксни за периодот на орочување, а минималниот износ на вложување е 30.000 денари, односно 500 евра. На депозитот не може да се прават дополнителни уплати и исплати.

Оваа атрактивна понуда може да се искористи до  31ви октомври 2021 година додека трае месецот на штедењето.

6. И кај депозитниот производот Evolve понудивте атрактивни каматни стапкиво споредба со просекот на пазарот. Колку е каматната стапка кај овој производ и кои се неговите специфичности?

Овој производ е специфичен бидејќи е со каматна стапка што расте на секои 6 месеци. Рокот на орочување е 24 месеци,  и клиентот може да оствари принос од 2,70% во денари и 1,70% во евра, сметано на иницијалниот влог. Нудиме два типа депозити – Evolve депозит со можност за дополнителни вложувања и Evolve депозит со можност за предвремено раскинување, па секој штедач може да одбере начин на орочување кој најмногу му одговара.

Каматните стапки се фиксни и се зголемуваат на секои шест месеци, каматата се исплаќа на крајот на периодот на доспевање, а штедењето може да биде во денари или во евра, при што минималниот износ на вложување е 3.000 денари, односно 50 евра.

Evolve депозитот со можност за дополнителни вложувања нуди шанса за дополнителни уплати на депозитот, односно штедачот може да врши уплати кога сака и колку сака. Дополнителните уплати може да се прават преку електронско банкарство, на шалтерите и со траен налог. Депозитот не се реорочува, а во случај на предвремено раскинување на договорот, се пресметува камата по видување според Одлуката за пасивни каматни стапки на Банката.

Evolve депозитот со можност за предвремено раскинување не дава можност за дополнителни уплати, а во случај на предвремено раскинување на депозитот се пресметува камата со каматна стапка од поминатиот и тековниот период во кој средсвата биле орочени, освен ако раскинувањето е во првиот период (во првите 6 месеци),  се пресметува камата со каматна стапка по видување согласно важечката Одлука за пасивни каматни стапки на Банката, односно истата изнесува 0%.

7. Што од својата палета на депозитни производи може да им понуди Халкбанк на своите штедачи?

Халкбанк во својата палета на производи нуди различни депозитни производи од кои секој има одредени карактеристики, па клиентот може да ги одбере  оние што најмногу соодветствуваат на неговите потреби.

Корисниците на електронско банкарство на Халкбанк имаат можност да креираат депозит и онлајн, што е овозможено со иновативниот производ – Онлајн депозит. Клиентот може да ги орочи своите средства на 6, 12 и 24 месеци, со фиксни каматни стапки повисоки од стандардните депозити, и притоа нема потреба да посети филијала и да потпишува Договори за депозити, туку депозитот може да го креира со неколку клика преку својот компјутер.

Физички лица кои имаат прилив по основ на плата, пензија или дополнителни примања, во Халкбанк можат да го искористат производот Мој депозит кој дава можност, доколку клиентот има потреба од повлекување средства, на повлечениот дел од депозитот не се пресметува камата, додека за останатиот дел се пресметува камата по договор. Отворениот депозит е идеален за оние кои штедат секојдневно бидејќи нуди можност за дополнителни и повеќекратни уплати во текот на едногодишниот договор за орочување. Клиентот има опција да го надополнува депозитот и преку електронско и мобилно банкарство или со траен налог. Кај Генерално штедење со фиксна каматна стапка, постои можност за исплата на каматата месечно или на крајот на периодот на орочувањето. Валути во кои се орочуваат средствата се: денари, евра и американски долари.

Халкбанк не го заборава и штедењето за најмладите, за чии потреби е креиран Халки, како дел од Детското штедење кое е со фиксни каматни стапки, рок на орочување до 60 месеци и можност за повеќекратни уплати. Во месец Октомври за рок на орочување 25 месеци банката понуди зголемени каматни стапки во однос на претходните редовни стапки. За корисниците на Mastercard Debit Contactless картичката на Халкбанк, пак,  креиран е производот Е-Касичка со кој може да се штеди при секое плаќање. Со секоја трансакција направена со овој тип на картичка на ПОС терминал и виртуелен ПОС терминал на било која банка, одреден износ зголемен над износот на ПОС трансакцијата ќе се трансферира на посебна штедна сметка (наменета исклучиво за овој тип на штедење).

8. Што ќе биде фокус на Халкбанк во иднина кога станува збор за штедењето?

Наш фокус и до сега, а и во иднина останува подобрување на квалитетот на производите, воведување промотивни производи и развој на производи за депозити преку алтернативни канали на дистрибуција, за да можат да бидат поблиски до клиентите и да ги задоволат нивните потреби и барања. Она што е секако важно, што дава сигурност на клиентите е што нашите производи имаат фиксни каматни стапки за целиот период на орочување на паричниот депозит.

Во наредниот период секако ќе продолжиме со креирање нови и иновативни производи, согласно развојот на новите технологии и банкарски трендови, останувајќи и во иднина лидер во овој сегмент и сигурен партнер на своите клиенти кој се грижи и за нивните потреби и за нивните парични средства.

Халкбанк е традиционално посветена на иновациите. Го лансираше Онлајн Депозитот и во тој контекст, а и во светло на минатогодишните и овогодишните здравствени случувања,  Банката ќе се фокусира на електронски и далечински пристап на депонентите и штедачите до своите средства како би можеле депозитните операции да ги обавуваат преку своите компјутери и мобилни телефони. Покрај тоа што со ваквиот пристап се грижиме за здравјето на клиентите, исто така се надеваме дека значително ќе придонесеме на намалување на физичкото присуство во нашите филијали и ќе го растеретиме процесот на склучување на Договори со клиентите.

Онлајн Депозитите се продукти кои во еден среднорочен период банката континуирано ќе ги развива и подобрува нивните перформанси.