„Инвеститорски ден“ во организација на Македонска берза ќе се одржи на 13 месецов (среда). Настанот, кој годинава се одржува по четврти пат има за цел промовирање на поактивно учество на домашните индивидуални инвеститори на македонскиот пазар на хартии од вредност и вложување на населението во акции издадени од домашните компании што се тргуваат на Македонска берза. Односно, да се зголеми нивото на знаење за овие финансиски инструменти и да се подобри инвестициската култура во државта.
На овој ден заинтересираните граѓани можат да тргуваат со акции на сите пазарни сегменти и тоа без трансакциски трошоци што ги наплатуваат овластените пазарни институции и учесници.
„Поконкретно, на Инвеститорскиот ден сите домашни физички лица ќе можат да купат или продадат кои било акции без да ги платат провизиите кон Берзата, ЦДХВ и овластените пазарни учесници (банки и брокерски куќи) што се вклучени во оваа иницијатива, при што ќе треба да бидат исполнети следните услови:
инвеститорите да склучат нормални трансакции со акции преку БЕСТ системот, со посредство на некоја од подолу наведените членки на Берзата;
износот на остварениот дневен промет по индивидуален инвеститор да не изнесува повеќе од 10.000 евра, независно од бројот на берзански трансакции преку кои истиот ќе биде остварен;
трансакциите да бидат склучени преку клиентска, односно сопственичка сметка“, нагласуваат од Македонска берза.
„Инвеститорскиот ден“ е поддржан од сите десет членки на Берзата: „Еурохаус“ АД Скопје, „Илирика Инвестментс“ АД Скопје, „Инвестброкер“ АД Скопје, „Иново Брокер“ АД Скопје, Комерцијална банка АД Скопје, НЛБ Банка АД Скопје, Стопанска банка АД Скопје, ТТК банка АД Скопје, „Фершпед брокер“ АД Скопје, Шпаркасе Банка АД Скопје.
Иницијативата е прифатена и во неа активно се вклучени Централниот депозитар за хартии од вредност, сите десет членки на Берзата и ЦДХВ, а има поддршка и од Комисијата за хартии од вредност.