Иран, Туркменистан и Азербејџан потпишаа договор за трговија со гас до 2 милијарди кубни метри годишно, објавија VoA и IRNA.

Според договорот, Иран ќе добие гас од Туркменистан и ќе насочи еквивалентен волумен во Азербејџан, изјави иранскиот министер за нафта Џавад Уџи на државната телевизија на земјата.

„Согласно трипартитниот договор потпишан во Туркменистан, Туркменистан ќе продава 5-6 милиони кубни метри гас дневно на Азербејџан“, објави ИРНА.

Агенцијата додаде дека Иран е на пат да го реши спорот за долгот за гас со Туркменистан, кој кон крајот на 2017 година соопшти дека Техеран должи 1,8 милијарди долари за испораките на туркменистански гас.

„Наскоро ќе ја платиме првата транша за отплата на долгот за гас кон Туркменистан“, увери Уџи, без да ја прецизира висината на долгот.

Иран има големи наоѓалишта на гас во своите јужни региони, но увезува гас од Туркменистан од 1997 година за да ги снабдува своите северни провинции, особено во зима.

 

Забрането превземање на содржината без претходно одобрение од редакцијата на БанкоМетар.мк