Платежната агенција денеска на сметките на 2.944 субјекти исплати околу 138 милиони денари за градинарски култури, предадени во преаботувачки капацитети.
Според директорот на Агенцијата, Николче Бабовски, станува збор за исплата на средства од дополнителната мерка за градинарски култури.
„Средствата за оваа намена се исплаќаат на земјоделците во време кога е во полн ек подготовката и почетокот на есенската сеидба на градинарски култури за новата реколта“, вели Бабовски.
Платежната агенција пред неколку дена исплати и 195 милиони денари за предадено млеко и за оризова арпа. Од вкупната сума, 153,4 милиони денари добија млекопроизводителите, а 41,4 милиони денари легнаа на сметките на 1.130 оризопроизводители за дополнителната субвенција од пет денари за предадена оризова арпа, која се донесе поради нарушениот баланс помеѓу понудата и побарувачката и многу ниската откупна цена. Со оваа, нова, дополнителна субвенција, потсетува Агенцијата, се поттикна договорениот откуп на оризова арпа од реколтата 2018 година.
„Продолжуваме со неселективна исплата на субвенциите. Во еден ден, за сите кои исполнуваат услови за добивање финансиска поддршка, се исплаќаат средствата за субвенции“, дециден е директорот.