zemjodelci

На штотуку завршениот оглас за „Млад земјоделец“ која е дел од Програмата за рурален равој, пристигнале 1.045 апликации или скоро двојно повеќе од ланските 626, и тие се веќе во процес на обработка, соопшти денеска министерот за земјоделство Љупчо Николовски кој заедно со директорот на Платежната агенција Николче Бабовски го посети земјоделското стопанство „Фееко пром“ на семејството Лековиќ во велешкото село Горно Оризари.

-Од лани склучените 424 договора во Платежната агенција, веќе се исплатени 175 милиони денари на 313 земјоделци со неповратна финансиска подршка од по 10.000 евра. Најголем дел беа за набавка на трактори и механизација, како и за почнување сопствен агро бизнис на млади лица заинтересирани за земјоделство кои се невработени повеќе од две години, појасни Николовски.

Според него, заострени се критериумите при аплицирањето, а Платежната агенција ќе направи проверка на сите годинашни 1.045 апликанти. Сепак, се очекува голем дел од нив да добијат средства од Програмата.

-Прво ќе се проверува комплетноста на документацијата и доколку некој од апликантите нема целосна и комплетна документација ќе биде контактиран и ќе му биде побарано дополнување за ниту еден потенцијален корисник што ги исполнува другите услови да не биде одбиен поради административни пропусти од негова страна. Потоа следува втората фаза – испитување на соодветноста на инвестицијата и на крај ќе се врши рангирање според Правилникот каде предност ќе имаат оние млади кои повеќе од две години се невработени и каде има отежнати услови за стопанисување. Приоритет ќе имаат и жените фармери – носители на земјоделски стопанства за што се добиваат дополнителни поени. Услов е апликантот да добие минимум 60 поени за да биде рангиран, објасни директорот Бабовски.

„Фееко пром“ во Горно Оризари постои од 1955 година, располага со 100 хектари земјоделска површина и фарма на крави од кои днево се произведува еден тон млеко. Според еден од сопствениците, Елзин Лековиќ, стопанството преку „Млад земјоделец“ набавило нов трактор „TA-FE 45“.

МЗШВ има сознанија дека голем дел од оние што добиле средства за „Млад земјоделец“ веќе склучиле договор и за ИПАРД Програмата.