Подобрувањето на управувањето е најдобриот начин да се спречи демографскиот пад, вели главниот економист на ЕБОР

Новите економии во Европа може да остарат пред да се збогатат. Негативниот пораст на населението и високата емиграција покажуваат дека луѓето бегаат од релативната политичка и економска стагнација. Шефовите на државите имаат избор помеѓу популистичките краткорочни одлуки и смелите реформи во управувањето, пишува Беата Јаворчик, главен економист во Европската банка за обнова и развој (ЕБРД), во написот во „Фајненшал тајмс“.

Нивниот избор е важен. Најновиот извештај на ЕБОР покажува дека подоброто управување има директно влијание врз перцепцијата на среќата, ги спречува намерите за иселување и е предуслов за раст управуван од иновациите.

Од крајот на комунизмот во 1989 г., земјите од Централна и Источна Европа уживаа во две децении брз економски раст и развој, поттикнати од смели реформи и процесот на пристапување во ЕУ. Извршувањето на реформите ослабе, откако тие се приклучија на блокот и некои земји дури се повлекоа од нивниот првичен напредок. Некои популистички лидери ја прогласија „нелиберална демократија“ како модел за иднината на Европа.

Погледот во демографската и економската перспектива на регионот ги покажува празнините во оваа визија. ООН предвидуваат дека населението на земјите од Централна и Источна Европа ќе се намали брзо во следните две до три децении. Соодносот на луѓе над 65 години со работоспособното население ќе достигне нивоа што можат да се споредат со оние во развиените економии во Европа. Но, нивниот бруто-домашен производ по лице ќе продолжи значително да заостанува.

Иселувањето е особено проблематично за економскиот раст заради неговиот состав. Обично, младите луѓе кои се повеќе претприемнички и подобро образовани, поверојатно ќе ги напуштат своите земји во потрага по повисок животен стандард и подобар квалитет на живот.

Бидејќи работната сила се намалува и просечната возраст на преостанатите луѓе е поголема, преференциите и потребите на општеството се менуваат. Наспроти позадината на растот во учеството во државниот буџет наменет за социјална заштита, ресурсите за образование и иновации ќе се се помалку.

Постојат начини да се справат со овие демографски и економски предизвици. Промовирањето повисоки стапки на наталитет преку финансиски иницијативи може да биде политички привлечно, но резултатите од овие во минатото за стопирање на падот на работната сила не се охрабрувачки. Нивото на учество на работната сила може да биде стимулирано со вклучување на повеќе жени и постари лица. Подигањето на возраста за пензионирање ќе помогне, но малку влади имаат храброст да воспостават вакви политики.

Подобрувањето на управувањето е клучна, иако честопати занемарена, област во која реформите ќе донесат долгорочни дивиденди и ќе помогнат во спречување на демографскиот пад и стимулирање на растот. Иако е постигнат напредок во Централна и Источна Европа, само 35% од граѓаните имаат доверба во нивните национални влади, судството, фер избори и слободата на медиумите и веруваат дека корупцијата е широко распространета. За споредба, 56% од населението во земјите од Г7 е со исто мислење.

Реформите во управувањето се многу важен елемент во следната фаза на развој. Растот во првите две децении на транзиција се засноваше на евтина работна сила, акумулација на капитал и увезена технологија. Но, следниот голем скок ќе треба да се заснова на иновации и претприемништво кои се чувствителни на квалитетот на управувањето. Побрзиот раст ќе ги олесни демографските хендикепи, ќе се подигне животниот стандард и ќе обезбеди стимулации за локалното население да остане во своите земји. Од друга страна, лошото управување доведува до намалување на задоволството на граѓаните од животот и честопати се наведува како поттик за емиграција.

Решенијата не се лесни, но тие постојат. Ние мора да ги признаеме предизвиците и да имаме храброст да им излеземе во пресрет. За жал, луѓето кои треба да се грижат најмногу за емиграцијата претпочитаат да зборуваат за имиграција. Промената на овој разговор е првиот предуслов за воведување на кредибилна и одржлива агенда за реформи.

 

Забрането превземање на содржината без претходна согласност од редакцијата на БанкоМетар.мк