Се разбира, реалната цена на нафтата не е под нулата, но такви се необичностите на идните пазари при пад на побарувачката заради пандемијата на коронавирусот и глобалната рецесија- коментарот од „Волстрит џурнал“

Поради кризата предизвикана од епидемијата од коронавирусот, цената на барел сурова нафта WTI во САД е на најниско ниво во историјата и падна под 0 долари за барел.

Тргувањето завршило на неверојатни – 37,63 долари за барел – што е единствен пат да падне под нулата, откако нафтените термини почнале да се тргуваат на NYMEX во 1983 година. WTI (West Texas Intermediate) лесна сурова нафта, едно од мерилата во формирање на цената на нафтата, падна на досега невидено ниво и сега производителите им плаќаат на складиштата да им го преземат производството за мај.

Се разбира, реалната цена на нафтата не е под нулата, но такви се необичностите на идните пазари при пад на побарувачката заради пандемијата на коронавирусот и глобалната рецесија.

Трговците го складираат енергенсот со очекување дека ќе добијат повеќе кога цената ќе порасне подоцна во годината и ќе се подобри финансискиот систем, се вели во коментарот од „Волстрит џурнал“. Сепак, оперативниот капацитет на складиштата е исцрпен.

Според пресметките на Американскиот институт за нафта, складиштата во САД имаат околу 825 милиони барели, и во пракса има недополнети околу сто милиони барели.

Зделката за намалување на производството што претседателот Трамп ја склучи со Саудиска Арабија и други производители на нафта може да помогне значително да се намалат испораките.  Но, тоа сигурно нема да биде наскоро, а договорот зависи од доброволни ветувања и никакви други решенија односно испораките не можат да балансираат со таков глобален пад во побарувачката, нагласува „Волстрит џурнал“.

На повидок две сценарија

За разрешница на кризата со црното злато на повидок се две  сценарија во однос на цената на нафтата.

Првото е дека ќе дојде до историското намалување на производството од 10 милиони барели дневно. Тоа ќе ја искачи цената на нафтата и до 45 долари.

Втората прогноза е  дека цената ќе падне на 20 долари.  Експертите сметаат дека крахот во побарувачката на нафта поради пандемијата на коронавирусот, во вториот квартал од годинава ќе доведе до тоа резервите да пораснат до 17,4 милиони барели дневно.

Овој податок го објави Меѓународната агенција за енергетика.

Мал прекин во падот на побарувачката може да се очекува дури во мај, а малку поголем во јуни.

ОПЕК од 1 мај го намалува производството на нафта за 9,7 милиони барели дневно

ОПЕК и земјите сојузнички веќе најавија дека се согласиле да го намалат производството на сурова нафта за вкупно 9,7 милиони барели на ден почнувајќи од 1 мај.

„Првичното намалување на производството од 9,7 милиони барели на ден ќе важи до 30 јуни годинава“, се вели во соопштението на ОПЕК.

За наредниот шестмесечен период, од 1 јули до 31 декември, вкупното намалување на производството ќе изнесува 7,7 милиони барели на ден.

Ова ќе биде проследено со приспособување од 5,8 милиони барели на ден во период од 16 месеци, од 1 јануари 2021 година до 30 април 2022 година.

Клучната земја членка на ОПЕК, Саудиска Арабија, и земјата лидер вон ОПЕК, Русија, ќе го намалат своето индивидуално производство од нивото од 11 милиони барели на ден.

Земјите членки на ОПЕК + ќе се состанат на 10 јуни оваа година преку видеоконференциска врска за да утврдат дали се потребни дополнителни активности за балансирање на глобалниот пазар на нафтата.