Според официјалната статистика во земјава јазот на вработеноста меѓу мажите и жените изнесува 19 процентни поени, што е речиси двојно повеќе од европскиот просек. Оваа разлика не е променета со декади наназад и укажува на структурна родова базирана дискриминација дека мажите и жените немаат еднаква можност за платено вработување, се вели во Истражувањето изработено од Реактор – Истражување во акција „Родово-базирана дискриминација и работнички права во Северна Македонија“, со поддршка на Европската унија (ЕУ) и Шведската агенција за меѓународен развој и соработка, како дел од регионалната иницијатива за справување со овој вид на дискриминација во шест земји од Западен Балкан.
Резултатите од истражувањето потенцираат дека на работно место жените се соочуваат со сексуално вознемирување кое што варира од разни коментари што се нормализирани како некој вид на хумор, па до посериозни вознемирувања – обиди за силување и закани во смисла ако не го направите тоа и тоа можете да ја изгубите работата. Наодите велат дека многу мал број од овие случаи се пријавуваат до надлежните институции и за жал ретко се охрабруваат граѓаните и граѓанките да го пријават искуството иако се соочени последици.
– Сериозна беше ситуацијата и за време на ковид-кризата кога на пример мерките што беа донесени од Владата за ослободување на бремените работнички или оние што имаат хронично заболување или пак мерки што беа поврзани со ослободување на родителите на деца до 10 години. Иако овие мерки беа за заштита на работниците, во пракса жените често се соочуваат со прекршувања на овие права и дополнително беа изложени на нееднаков третман, затоа што секогаш газдите приоритизираа профит спрема добробит на работниците, истакна Васка Лешоска, еден од авторите на истражувањето.
Наодите од истражувањето препорачуваат дека треба многу повеќе заедно да работиме и пред се да се охрабрат граѓаните да ги пријавуваат ваквите случаи, но и институциите да воспостават пракса на постапување по вакви случаи за правдата да не биде многу скапа и долга за граѓаните на крај да ја добијат.
Кире Василев од Комисијата за спречување и заштита од дискриминација истакна дека во едногодишното постоење на Комисијата решиле 167 претставки, од нив најголемиот дел се од областа на работата и работните односи – 76 претставки. Тој посочи дека од 76 претставки, 22 се поднесени од жени и во 15 претставки е утврдено дискриминација. Најголемиот број на основи детектирани во работата и работните односи се од лично својство и општествен статус, политичкото убедување и образованието.
Во поглед на претставките на работата и работните односи, тој рече дека мажите најмногу се жалат на политичка дискриминација, а жените на образование. Василев потенцира дека координацијата и комуникацијата меѓу институциите во земјава е најгорлив проблем.
Драгиња Аврамчевска од Државниот инспекторат за труд истакна дека тие имаат регистрирано слаб број на пријави на дискриминација, што, според неа, се должи на недовербата во институциите. Таа посочи дека фактот за економското зајакнување на жените останува критичен предизвик ширум светот, бидејќи, како што рече, само половина од работоспособните жени се во ефективна работна сила заработувајќи во просек помалку од мажите.
Аврамчевска изјави дека во ковид-кризата најголеми злоупотреби со кои се соочиле на терен е околу откажување на договорите за вработување и трансформација на работен однос и неисплатен К-15.
– Жените процентуално повеќе се вработени во индустрии каде што нивната експлоатација и нивната работна сила е помалку платена – во текстилната и кожарската индустрија, фармацевтската индустрија. Што доведува до појава на оваа проблематика? Законската регулатива постои, меѓутоа не е соодветна и не е допрецизирана. Свесноста кај жените мора да се зголеми во овој дел, односно да се даде точна дефиниција која е нивната повреда, каде доаѓа злоупотребата на Законот за работни закони. Свесноста на самите работнички права е уште на многу ниско ниво, особено во самите индустрии каде работничките не се доволно остручени и немаат соодветно образовани, рече Аврамчевска.
Според Светлана Цветковска од Министерство за труд и социјална политика, постои родов јаз во платите, кој изнесува околу 12 проценти.
– Жените преовладуваат во категоријата неплатен семеен работник. Жените се повеќе застапени во пониските работни места. Постои значајна секторска сегрегација, односно висока концентрација на вработеност на жените наспроти мажите во секторите образование, здравство, социјална работи. Во доменот на работата, жените во просек се со пониско полно работно време, имаат 12 години пократок работен век, имаат помала флексибилност со работното време во споредба со мажите и земено се заедно ова укажува дека жените генерално имаат помалку можност да изберат во тој посакуван баланс меѓу професионалниот и семејниот живот, рече таа.