Италијанската влада усвои предлог-закон со кој се забранува поставување соларни панели на земјоделско земјиште, објавија министрите, но сигнализира зелено светло за фотоволтаични системи над полињата и виноградите.
Како дел од пакетот мерки за заштита на земјоделството и рибарството, Владата забрани поставување на фотоволтаични системи на земјоделско земјиште.
„Ја прекинавме практиката на неконтролирано поставување на фотоволтаични панели на земја“, рече министерот за земјоделство Франческо Лолобриџида на прес-конференција по состанокот на владата.
Според министерот за земјоделство, забраната нема да ги опфати „агроволтаичните проекти“, кои предвидуваат поставување соларни панели над нивите и лозовите насади, на земјиште со двојна намена за производство на електрична енергија во периодот на силна сончева светлина и одгледување земјоделски култури.
Според владините претставници, министерот за енергетика Жилберто Пичето Фратин првично се спротивставил на забраната, но по седницата им рекол на новинарите дека новите мерки нема да ја загрозат целта на владата за инсталирање на околу 38 гигавати фотоволтаични централи до 2030 година.
Пакетот на владата сега мора да биде одобрен од двата дома на парламентот.
Земјоделските лобија долго време бараат ограничување на поставувањето на соларни панели на земјоделските површини, предупредувајќи дека таквата практика е некомпатибилна со одгледувањето земјоделски култури. Здруженијата за заштита на животната средина ја обвинија владата дека ги поткопува зелените цели што ги договори со нејзините партнери од Г7.
Минатата недела Италија, заедно со своите партнери во групата Г7, се обврза дека до 2030 година ќе ги зголеми тројно инсталираните капацитети за производство на електрична енергија од обновливи извори и постепено ќе ги укине термоелектраните на јаглен во првата половина на следната деценија.
Минатата година инсталираше речиси шест гигавати (GW) капацитет за обновлива енергија, главно мали соларни електрани.