Арогантно е да се игнорираат правилата чие почитување е во интерес на заедничката кауза

Италија сега повторува нешто што беше неуспешно тестирано во Грција пред неколку години: партиите им ветуваат на гласачите мед и млеко, а потоа тие се принудени да гледаат како Брисел става кочница врз нив. Како резултат на тоа, овие партии веднаш почнаа да се бунат дека волјата на народот е криминално запоставена од страна на некои бирократи, кои не биле избрани со демократски гласови. Или обично другиот виновник е – Германија, пишува Клаус Дитер Франкенбергер од ФАЗ.

Јасно е дека гласачите претпочитаат да плаќаат помалку даноци, да се пензионираат порано, да добијат повеќе социјални бенефиции. Но сето тоа не ги ослободува нивните влади од обврската да ги почитуваат правилата што ги потпишале. Ова е токму случајот со Италија, која доброволно и без никаква принуда се приклучи на Европската монетарна унија.

Затоа ЕК не ги надминува своите права кога ја предупредува Италија дека ќе се појави неконтролирана нестабилност. Не ги надминува своите права ни кога иницира казнена постапка за надминување на толерантниот буџетски дефицит. Тука, не постои ароганција спрема италијанскиот народ, како што тврди заменик-премиерот Салтини.

Меѓутоа, арогантно е да се игнорираат правилата чие почитување е во интерес на заедничката цел – и во интерес на сите во ЕУ. Фактот дека овие правила некогаш биле заобиколени, занемарени или игнорирани не можат да послужат како оправдување за денешните повреди.

Рим намерно бара кавга со Брисел

Да, Германија и Франција исто така не се без гревови во однос на правилата за буџетскиот дефицит. Може ли тоа да му служи на владата во Рим како алиби за нови долгови? Не, не може. Но, популистките од лево и десно намерно бараат кавга со Европа, бидејќи тоа очигледно им носи поплава на гласачи. Многу е јасно дека овој национализам предизвикува сериозна штета на ЕУ.