Ново државно задолжување на подолг рок. Владата издаде државна обврзница на сума од над 54 милиони евра, а за која парите ќе се вратат после 15 години. И, за ова задолжување ќе се плати причично висока годишна камата, од 5,6 проценти. Македонската берза за долгорочни хартии од вредност извести дека од вчера на официјалниот берзански пазар почнуваат да котираат две државни обврзници, кои државата ги издала пред неколку дена, анализира Фактор.

Многу повисоката сума е предодредена за 15 годишната обврзница, која изнесува 54,3 милиони евра. Станува збор за државна обврзница без девизна клаузула. Датумот на издавање бил на 10 јануари оваа година, а парите тгреба целосно да се вратат на 10 јануари 2040 година. За овие пари домашните кредитори, како што се главно домашните банки, но и пензиските и инвестициските фондови, ќе си наплатат одлична камата од 5,6 проценти. На ова ниово од 5,6 отсто се одржува подолг период каматната стапка за подолгорочните државни обврзници од 15 години. Ова е од причина што долгиот рок за враќање прави да се зголемува ризикот, а со тоа и каматата која ја наплаќаат домашните кредитори.

Инаку, државата на 10 јануари издала уште една обврзница, на сума од околу 12 милиони евра, а и таа од вчера ќе котира на македонскиот пазар на капитал. Станува збор за државни обврзници без девизна клаузула, чии датум на издавање е 10 јануари оваа година, а парите треба да се вратат на истиот датум, но во 2028 година. Значи, издадена е тригодишна државна обврзница, па поради понискиот рок, каматата е 3,95 проценти, односно нешто помала.

На крајот на третиот квартал минатата година земјава имала вкупен јавен долг од 8,48 милијарди евра, што претставува 56,9 отсто од бруто домашниот производ, а што е под Мастришкиот критериум на Европската унија, кој изнесува 60 проценти. Додека, пак, внатрешниот јавен долг на земајава на крајот на септември минатата година достигнал 3,546 милијарди евра, што во однос на три месеци претходно било зголемување за 106 милиони евра.