УНГАРИЈА, СРБИЈА, МАКЕДОНИЈА И ГРЦИЈА СПЛОТЕНИ ЗА БРЗАТА ПРУГА

Македонија и Србија заеднички ќе побараат финансирање на брзата пруга, од српска страна станува збор за 135 километри од Берстовац до Прешево, а од македонска 50 километри од Табановце до Скопје. Ова го изјави српскиот министер за градежништво, транспорт и инфраструктура, Горан Весиќ.

Тој најави дека на 23 ноември Унгарија, Србија, Македонија и Грција ќе потпишат заеднички изјава за изградба на брза пруга од Будимпешта до Атина (Патра) преку Скопје.

Македонија ја стави брзата пруга во приоритетите на Владата. Министерот за транспорт, Александар Николоски, рече дека идејата е да се патува од Скопје до Солун со 200 километри на час, ќе биде добро за македонската економија , но и регионалното поврзување. Тој истакна дека идејата е да се направи триаголник кој ќе го поврзе Скопје со брзата пруга.

Проценките се дека брза пруга би чинела околу 2,3 до 2,5 милијарди евра, а за да биде оперативна, од почеток на градба до прва операција на воз, би биле потребни околу 5 години.

– Во однос на финансирањето знам дека нема да бараме пари од Кина, Русија и Саудиска Арабија. Ако ЕУ сака да ја финансира е добродојдена, но прво мора да го обезбедиме финансирањето пред да почнеме да ја градиме – вели Николоски.

Тој најави дека брзата пруга ќе оди по нова траса и тоа од Табановце, па да се спушти под Куманово до Свети Николе, потоа Штип, Радовиш, Струмица и да се врзе на Миравци, Гевгелија и Солун. Допрва требаа да се направи физибилити и предфизибилити студија. Николоски очекува од студиите да се добие одговор кое решение е најприфатливо.

Другите три држави се многу понапред во изградбата на својот дел од брзата пруга. На 24 ноември Србија ја пушта во сообраќај делницата Нови Сад – Суботица од брзата пруга. Претседателот на Србија, Александар Вучиќ деновиве изјави дека очекува до крајот на 2025 година унгарските партнери да го завршат својот дел од пругата, од српската граница до Будимпешта, долга 166 километри со што брзата железничка врска од Белград до Будимпешта ќе трае два часа и 45 минути.

Во Србија веќе планираат од 2025 година да почнат со изградба на брзата пруга – делницата од Белград до Ниш со должина од 230 километри. За таа цел Владата на Србија донесе уредба за план за посебна намена, со кој за време на работите нема да има затворање на сообраќајот, бидејќи, како што истакна „Србија не смее да го загуби товарниот сообраќај“ и кажа дека до февруари ќе заврши реконструкцијата на пругата Ниш – Брестовац, долга 23 километри.

– Грците веќе проектираат пруга од Солун до Идомени, на грчко-македонската граница и ја обновуваат пругата Солун-Атина. Останува да се реши поврзувањето од Скопје до Идомени, а кога ќе се заврши ќе имаме над 1.638 километри пруга од Будимпешта до Патра – истакна Весиќ.

ЕУ одлучи да го удвои бројот на обновени колосеци до 2030 година. Донесена е и нова регулатива за трансевропски коридори со која за првпат се изедначија земјите членки и оние кои се уште не се, во однос на пристапот до средства. А ЕУ издвојува 500 милијарди евра за европските коридори, од кои дури 80 отсто ќе одат за железницата.