Изградбата на гасоводот треба да биде завршена во 2025 година

Израел постигна договор со Грција, Кипар и Италија да изгради гасовод за 6 милијарди евра, по кој ќе испорачува сино гориво до овие три земји. Ова беше објавено од страна на израелското радио.

Изградбата на гасоводот треба да биде завршена во 2025 година, според прогнозата на министерот за енергија Јавал Штајниц. Четирите земји се очекува да го потпишат договорот за проектот на почетокот од февруари.

Принципиелниот договор беше постигнат после една година, откако излегоа позитивните заклучоци од студијата за сигурноста на проектот на ЕУ, додаде Штајниц.

Гасоводот со должина од 2100 км, кој ќе помине по дното на Средоземното Море, ќе чини 6 милијарди евра или 6,8 милијарди долари според првичните студии.

Учеството на другите земји во проектот е можно ако сите четири земји се согласат, рече израелскиот министер за енергија. ЕУ ќе обезбеди 70 милиони евра за проектот за веродостојност и изработка на физибилити студија.

“Ако се оди според планот, очекуваме Израел да стане еден од снабдувачите на енергија на Европа кон 2024/2025 година”, посочи Штајниц, нагласувајќи го големото економско и политичко значење на договорот.

Министрите за енергетика на Израел, Кипар и Грција и италијанскиот амбасадор во Кипар потпишаа меморандум за разбирање за плановите во Никозија пред година во присуство на комесарот за енергија и климатски промени Мигел Ариас Цимет, потсетуваат агенциите.