Извештајот на Европската Комисија за напредокот на Република Македонија дава безусловна препорака за отпочнување на преговорите за пристапување на Република Македонија кон ЕУ. Во таа смисла, Извештајот го забележува значајниот напредок направен во однос на претходниот извештаен период (ноември 2016). Извештајот дава реалистична слика за состојбата со македонската економија, нотирајќи одреден напредок, оценува Finance Think во коментарот на економскиот дел од Извештајот на Европската Комисија за напредокот на Република
– Особено споредено со оценката во претходниот извештај, напорите и потезите на носителите на економските политики се попозитивно вреднувани. Сепак, значајно ограничениот простор посветен на економијата (особено споредено со просторот посветен на политичките критериуми), како и користените изрази „одреден напредок“, „остануваат клучните слабости“ и нагласениот недостаток на долгорочни потези во економските одлуки укажува дека напредокот во економските политики и реформи е недоволен, сметаат експертите на Finance Think.
Finance Think оценува дека, додека Извештајот врши експлицитно и недвосмислено ценење на преземените чекори за стабилизација и унапредување на демократско-политичкиот амбиент, позитивната оценка за економскиот амбиент е значајно поограничена. Ваквата оценка на економските политики и потези на Владата е во целосна согласност со укажувањата на домашната експертска јавност за дефокусот на економските прашања во претходниот период, и оттука Извештајот во економскиот дел не е изненадување.
Finance Think смета дека Извештајот внимателно го забележува напредокот на одредени владини економски потези, но главно од кратокорочен карактер, додека долгорочните слабости остануваат. Поконкретно:
- Како и во претходните извештајни циклуси, Извештајот го оценува за позитивно задржувањето на макроекономската стабилност, особено во услови на политичка криза која заврши со формирањето на Владата во мај 2017;
- Споредено со претходните извештајни циклуси, значителното зголемување на фискалната транспарентност и менаџирањето со јавните финансии е оценето особено позитивно.
Министерството за финансии го подобри опфатот и начинот на објавување на фискалната статистика, ги објави достасаните, а неизмирени обврски од државата и јавните претпријатија и отпочна одредено кратење на непродуктивните трошоци.
- Оттука, почетокот на фискалната консолидација е оценет како добар потег, но нејзината долгорочна насока е оценета како недоволно јасна. Ова коинцидира со потребата од среднорочно буџетско планирање (кое е во најава од страна на Министерството за финансии), но е во колизија со несигурноста што Владата ја наметна во економијата во поглед на даночната политика. Особено, воведувањето прогресивен персонален данок беше одложено од 2018 за 2019 година, со значајни внатрешни несогласувања во Владата кои во меѓувреме излегоа на површина. Ваквата позиција во економијата, Извештајот ја нотира индиректно, преку укажување за потребата да се зајакне долгорочното планирање на економските политики, со цел да се намали економската неизвесност.
- Долгорочните слабости на економијата се повторно забележани, при што кај дел од нив се забележуваат одредени чекори во насока на нивно адресирање. Сепак, клучните проблеми сврзани со високата сива економија и извршувањето на договорите (поврзано со ефикасноста и непристрасноста на судскиот систем) остануваат. Од друга страна, се забележува првичен напредок во еднаквиот третман на компаниите, што главно е поврзано со изедначувањето на третманот на домашните и странските компании во Планот за економски раст.
Во останатиот дел, Извештајот се фокусира на останатите долгорочните слабости на економијата, како што е неактивноста на пазарот на труд, особено помеѓу жените, потребите од обрзовни реформи, потребата од промена на структурата на економијата и потенцијалните бенефити од поврзувањето на странските со домашните компании, кои засега остануваат неискористени. Слично како и домашната експертска јавност, и Извештајот препознава дека Планот за економски раст на Владата има потенцијал да ги помрдне од мртвата точка овие инхибитори на економскиот раст и развој, но за согледување на првичните исходи треба да се сочекаат неколку години.