Цените на нафтата во четвртокот на меѓународните пазари се доближија до нивото од 48 долари откако последниот извештај на Меѓународната агенција за енергетика (IEA) укажува на намалување на јазот помеѓу понудата и побарувачката за нафта.
На лондонскиот пазар цената на нафтата се зголеми за 32 центи на 47,92 $. На американскиот пазар нафтата се тргува за 39 центи пониска цена, од 46,62 $.
Во средата цените на нафтата се катапултираа од извештајот на американската влада кој покажа неочекуван пад на залихите на нафта минатата недела за 3,4 милиони барели.
А на тоа во четвртокот се надоврза проценката на IЕА за зголемување на растот на побарувачката оваа година за 1,2 милиони на ден, во споредба со проценката од април од 1,16 барели. Исто така од агенцијата навеуваат дека производството во Нигерија, Либија и Венецуела е намалено за 450.000 барели дневно во однос на истиот период минатата година.
Аналитичарите сугерираат дека бројките на IEA ги зголемија цените, но предупредуваат дека тој тренд може да биде закочен со постепеното враќање на канадската нафта на пазарот, но и тоа дека ценовните нивоа може да го зголемат производството во САД.