Во првата половина од годинава, македонските винарници продале вино во вредност од 29,4 милиони евра, што е за 8,8 отсто повеќе во однос на истиот период лани, кога биле извезени вина во вредност од 27 милиони евра, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика.
Но, статистичките податоци покажуваат дека растот се должи на зголемени цени, а количествата се намалени. Во првата половина од годината извезените количества на вино биле помали за 9,7 отсто во однос на истиот период лани.
Македонските вина годинава се продавале на 37 странски пазари. Од десетте најголеми извозни пазари, седум се од регионот.
Најголем извозен пазар е Србија каде што во првата половина од годинава се продале македонски вина во вредност од 11 милиони евра или 38 отсто од вкупниот извоз. Следуваат Хрватска со извоз од 3,3 милиони евра, Босна и Херцеговина со извоз од 2,2 милиони евра, Австрија со 1,5 милиони евра, Словенија со 1,2 милиони евра, Бугарија еден милион евра, Црна Гора 760 илјади евра, Косово 560 илјади евра, Полска 475 илјади евра и Кина 500 илјади евра.