Во првите девет месеци, вкупната вредност на извозот на стоки изнесува 5.377.820 илјади долари и бележи пораст од 6,5 проценти во однос на истиот период од лани, објави Државниот завод за статистика.
Вредноста на увeзената стока, во истиот период, изнесува 6.910.889 илјади долари, што е за 4,8 проценти повеќе во споредба со истиот период од лани.
Трговскиот дефицит, во периодот јануари – септември 2019 година, изнесува 1.533.069 илјади долари.
Трговската размена по производи покажува дека во извозот најголемо е учеството на катализаторите на носачи со благородни метали или нивни соединенија, сетовите на проводници за палење и слично, за возила, авиони или бродови, деловите на седишта од подгрупата 821.1 и фероникелот.
Во увозот најмногу се застапени платината и легурите на платина, необработени или во прав, другите метали од платинската група и нивни легури, необработени или во облик на прав, нафтените масла и маслата добиени од битуменозни минерали (освен сурови) и керамичките производи за лабораториска, хемиска и индустриска употреба.
Според вкупниот обем на надворешно-трговската размена, Македонија најмногу тргувала со Германија, Велика Британија, Грција, Србија и Италија.