Министерството за транспорт и врски денеска изврши прелиминарна распределба на социјалната зграда во Неготино.
Право на учество на јавниот повик за распределба имаа деца без родители или родителска грижа, со навршени 18 години, кои до исполнување на полнолетството биле згрижени во институции за деца без родители, корисници на право на гарантирана минимална помош, лица погодени од елементарни непогоди, лица со попреченост и семејства со лица со попреченост, социјално загрозени лица – припадници на ромската заедница и самохрани родители со малолетни деца.
Во согласност со критериумите објавени во јавниот повик, 51 семејство ги исполнија условите за добивање социјален стан.
„Особено сум задоволен кога гледам дека политиките што ги водиме носат резултати. Ова е пример за нашата вистинска грижа, за обезбедување хумани услови и достоинствен живот за граѓаните на кои тоа им е најпотребно. Тоа е наша обврска, среќни и задоволни граѓани е наша мотивација повеќе да работиме на подобрување на животниот стандард и подобра иднина за сите. Денеска, извршивме распределба на становите во Неготино. Во наредниот период тимови ќе извршат теренски увид кај семејствата што се наоѓаат на оваа листа по што ќе биде утврдена конечната листа на семејства што ќе добијат станови во оваа зграда. Остануваме максимално посветени на нашите граѓани и на реализацијата на вакви проекти, со кои даваме поддршка на најранливите семејства во земјата“, изјави министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски.
Распределбата на социјалните станови е во согласност со владините политики за станбено домување на ранливите категории граѓани. До сега се распределија социјални станови во Гевгелија, Демир Капија, Гостивар, Свети Николе, Виница, Пробиштип и во Македонски Брод.
Во фаза на изградба се социјални станови во Велес, Кочани Бутел и во Дебар.