Извршителите, но и судовите не ги почитуваат измените на Законите за облигациони односи и на Законот за извршување кај запирањето на извршувањето поради застарување, алармираше Народниот правобранител Насер Зибери.
Законските измени од јули лани изрично кажуваат извршувањето да застарува ако во рок од пет години од правосилноста не се поднесе предлог за извршување или во случај ако има барање за извршување, а во рок од 10 години тоа не било извршено.
Барањата за запирање извршителите ги фрлаат во канта за отпадоци, бидејќи не биле тие должни да проверуваат. Истото го прават и судовите, кога одбиените граѓани поднесуваат приговори, па затоа, како што кажа Зибери на денешниот брифинг со новинарите, од измените до денеска извршителите не направиле ниту едно отпишување долг поради застареност.
Но Омбудсманот им го прочита членот во законот и ги научи извршителите како треба да ја сработат работата, т.е. каде е нивниот правен основ за да постапат.
„Во членот 93 од Законот за извршувањето, во кој е уредено прашањето на запирањето на извршувањето, во став 1 алинеја 1 точно е кажано дека извршната исправа правосилно укината, преиначена поништена или ставена вон сила, е основ за запирање на извршувањето. Извршувањето се запира ако настане еден од овие елементи. Покрај другите случаи предвидени со овој закон, извршителот ќе го запре извршувањето по службена должност и ако извршната исправа е правосилно укината, преиначена, поништена или ставена вон сила. Ова го истакнувам поради фактот дека со измените на Законот за облигационите односи ваквите извршни исправи се надвор од сила бидејќи настанал апсолутниот рок на застареност. Ова е правниот основ извршителите да постапуваат во согласност со член 93 од Законот за извршувањето. Извршителот, едноставно, треба да констатира дека со заклучок се запира извршувањето“, им кажа Зибери.
Судовите се всушност бетер од извршителите, повеќето од нив ги одбиваат приговорите. Зибери вели дека исклучок се судовите во Куманово и во Битола, но бадијала, зашто повисоките, апелационите судови, ги поништуваат нивните одлуки и ги враќаат во живот застарените долгови.
Зибери кажа дека секојдневно стигнуваат претставки од страна на должниците, кои се жртви на игра помеѓу извршителите и судовите. Побара Собранието да организира јавна расправа за ефектите од измените на законот.
Измените и дополнувањата на Законите за облигациони односи и извршување беа усвоени од Собранието на 20 јули минатата година. Во измените беше предвидено и Законската казнена камата на должниците да се ограничи на основната висина на долгот. Иако на почетокот стигнувале претставки и за каматите над главнината, сега измената се почитува и извршителите се придржувале до неа.