Најголем износ, над 89 милиони евра се наплатени од фирмите, следат граѓаните со околу 25 милиони евра, па државата со нешто под 9,5 милиони евра. Од тие пари околу 105 милиони евра се вратени во стопанството, 15,5 милиони евра добиле физичките лица, а околу еден милион државата…
Иако не работеа речиси четири месеци извршителите лани од фирмите, граѓаните и државата успеале да наплатат приближно иста сума како во годината пред тоа. Од должниците минатата година зеле и на доверителите им вратиле 123.163.049 евра, што е за само 92 илјади евра помалку отколку во 2019 година. Исто така, ланската наплата е поголема од онаа во 2016 и сите претходни години, кога извршителите работеа со полна пареа.
Имено, лани за време на вонредната состојба поради пандемијата и извесен период по неа, со Уредба со законска сила Владата им забрани на извршителите да вршат присилна наплата. Во тој речиси четиримесечен период тие наплатуваа само алиментација, а другите барања ги евидентираа и архивира. Кога забраната заврши, наплатата на средствата од примените налози им ја олеснија банките кои сметките на должниците цело време ги држеа блокирани.
Според Годишниот извештај за 2020 година, што деновиве го објави Комората на извршители, најголем износ, над 89 милиони евра, се наплатени од фирмите. Следуваат граѓаните, од кои извршителите зеле околу 25 милиони евра, додека од државата наплатиле долгови од нешто под 9,5 милиони евра. Од тие пари најголемиот дел, или околу 105 милиони евра, вратиле во стопанството, односно по присилен пат наплатиле од должниците и им вратиле на компаниите. На сметките на физичките лица кои побарале извршување легнале нешто помалку од 15,5 милиони вера, а на државата ѝ се вратени околу еден милион евра.
Но, само 45 проценти од доверителите кои побарале наплата од должниците преку извршител си ги добиле парите. Извештајот покажува дека извршителските канцеларии лани примиле 100.760 барања за наплата, а реализирале само 44.889. Ова е за нијанса послаба реализација од онаа во 2019 година кога изнесувала близу 47 проценти, но е далеку подобра отколку во 2012 година, кога се реализирани помалку од 26 проценти од налозите иако тогаш во извршувањето немаше ниту еден ден застој.
Повеќе од половината од средствата наплатени во текот на минатата година, поточно близу 78 милиони евра се од граѓани и фирми на подрачјето на главниот град, иако таму е и една од најниските реализации.
-Најголем процент на реализирани извршни исправи има подрачјето на Основен суд Битола и Основен суд Ресен со 13,99%, додека пак подрачје на кое има најмала реализација на извршни исправи во однос на примените барања за извршување во тековната година е подрачјето на Основен суд Гостивар и Основен суд Кичево 7,01 %. Според податоците од оваа извештајна година во поглед на висина на наплатени средства за доверителите извршителите од подрачјето на Основниот граѓански суд Скопје и Основниот кривичен суд Скопје имаат најмногу наплатено парични средства тоа во висина од 4,778,469,341.50 денари, додека пак најмалку наплатени парични средства има кај извршителите на подрачјето на Основен суд Кочани, Основен суд Виница, Основен суд Берово и Основен суд Делчево во висина од 142,956,378.00 денари, се наведува во новиот Годишен извештај на КИРМ.
Извршителите лани добиле и 24 барања за непарични побарувања.
Во државата минатата година работеле 99 извршители. Во текот на годината двајца извршители се откажале од професијата, двајца се пензионирале, а именувани се двајца нови.
За 15 години, колку што постојат, извршителите наплатиле нешто над 1,5 милијарди евра.