Вработените во јавниот сектор очекуваат потпишување на нов колективен договор со кој се надеваат дека ќе добијат поголеми права од оние што се пропишани во постојните закони и враќање на надоместоците и додатоците за плата. Едно од прашањата што ќе биде отворено за време на преговорите е и исплатата на регресот за годишен одмор познат како К-15.
Преговорите за новиот колективен договор на 6 март ги најавија двата социјални партнери – Синдикатот на УПОЗ и Министерството за информатичко општество и администрација. И двете страни тогаш изразија надеж дека ќе дојдат до најдобри решенија за вработените во јавната администрација.
Од страна на Синдикатот на УПОЗ веќе е формирана работната група која ќе преговара со ресорното Министерство и оваа информација, како што велат, е доставена до МИОА. Од УПОЗ очекуваат во наредниот период да се договори терминот за почеток на преговори со надлежните во ресорното Министерство.
„Синдикатот на УПОЗ веќе подолг временски период бара потпишување на нов грански Колективен договор за државните службеници и другите вработени во јавната администрација. Иако за ова барање се разговараше со многу министри, најголемиот напредок се постигна изминатиот период што резултираше и со заедничката изјава на Синдикатот на УПОЗ и Министерството за информатичко општество (МИОА) и администрација, кога се најави формирање на работни групи кои во наредниот период ќе работат на подготовка на нов грански Колективен договор“, нагласуваат од УПОЗ.
Од Министерството за информатичко општество и администрација кратко одговорија дека се уште пристигнуваат номинации за членови на работната група и оти кога ќе се комплетира листата на членови, работната група ќе го одржи својот прв состанок на кој ќе се дефинираат целите и динамиката на работа.
Со сигурност не може да се предвиди кога процесот ќе заврши и кога ќе биде потпишан колективниот договор. Од МИОА посочуваат дека со колективниот договор се засегнати голем број на граѓани и оти се предвидува широк консултативен процес така што потпишувањето зависи од сите засегнати страни вклучени во процесот, додека од Синдикатот на УПОЗ веруваат дека доколку се најде заеднички јазик за најважните прашања за работниците би можело колективниот договор да биде потпишан во најкраток можен рок од неговата изработка.
„Социјалниот дијалог што го воспоставивме со овој состав на МИОА засега функционира одлично и благодарение на досегашната соработка работниците од јавната администрација со измените на Законот за административни службеници веќе добија неколку поголеми права, се регулираше исплатата на степенот на кариера, се прифати барањето за фексибилно работно време и ќе се почне со работа на новиот колективен договор. Ова ни дава за право да веруваме дека доколку најдеме заеднички јазик за најбитните прашања за работниците, Колективниот договор би може да се потпише во најкраток можен рок по неговата изработка“, изјавија од УПОЗ за МИА.
К-15 и за вработените во јавниот сектор
Едно од поважните прашања за кое се очекува да стане збор за време на преговорите секако е и исплатата на регресот за годишен одмор или К-15 за сите институции во јавната администрација. Синдикатот на УПОЗ веќе најави дека регресот на годишен одмор ќе биде едно од основните барања при потпишување на новиот колективен договор.
„Иако со поединечни колективни договори ова право е предвидено и се исплаќа, со потпишување на грански Колективен договор исплаќањето на регресот за годишен одмор би било задолжително за сите институции во јавната администрација. Покрај ова барање, ќе се разговара и за јубилејни награди, дневници за службените патувања, додатоци за плата за работа во смени, ноќна работа и прекувремена работа, зголемување на платените денови од годишен одмор, дисциплинските постапки и за нас најбитното прашање пресметката и исплатата на платите да се регулира со Колективен договор, а не како сега со Закон“, истакнуваат од Синдикатот на УПОЗ.
И од ресорното Министерство потврдуваат дека ова прашање ќе биде едно од неколкуте за кои ќе се разговара, но, како што велат, ставот по ова прашање ќе биде дефинирано заедно со Синдикатот на УПОЗ.
Колективен договор за јавен сектор не е потпишан од 1995 година. Досега, Законот за работни односи и законите кои ја регулираа работата на јавната администрација претрпеа суштински измени од кои некои беа и на штета на работниците. Затоа со новиот колективен договор се очекува вработените да добијат поголеми права од оние што се пропишани во постоечките закони.