Работодавачите кои ќе побараат од работниците да им ги вратат парите, да примат само одреден износ од платата или други надоместоци ќе бидат казнети. За неодговорните работодавачи кои нема да исплатат регрес за годишен одмор или ќе бараат од работниците да им ги вратат исплатените средства по овој основ, Кривичниот закон предвидува затворската казна до 1 година. Од Сојузот на синдикати сметаат дека како резултат на зајакнатата санкциона политика и измените на Кривичниот закон ќе се елиминираат појавите на формална исплата.
Работниците на кои нема да им биде исплатен регресот за годишен одмор ќе можат да побараат интервенција од Државниот инспекторат за труд, или пак да покренат судска постапка за заштита на своите права.
Исплатата на регресот за годишен одмор е воспоставена со Општиот колективен договор (ОКД) за приватниот сектор од областа на стопанството е задолжителна за работниците и треба работодавачите да ја реализираат до крајот на годината. ССМ заедно со Организацијата на работодавачите, со потпишување на Спогодбата за измени и дополнување на ОКД за приватниот сектор од областа на стопанството во 2013 година го уредија правото на регрес за годишен одмор за вработените во приватниот сектор.
Регресот за годишен одмор се исплатува во висина од најмалку 40 проценти од основицата, под услов работникот да работел најмалку шест месеци во календарската година кај ист работодавач. Основицата за пресметување на надоместоците на работниците преставува просечната месечна нето плата по работник во Република Македонија исплатена во последните три месеци.
Од ССМ соопштуваат дека кај работодавачите кај кои настанале потешкотии во работењето по задолжителна претходна консултација со синдикатот на ниво на гранка односно оддел, со спогодба потпишана од работодавачот и репрезентативната синдикална организација може да се утврди регрес за годишен одмор во помал износ од износот утврден со овој колективен договор.