Вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев најави нова градежна офанзива и рече дека во 2019 година нема да има неангажирана градежна машина, ниту доволен број градежни машини да ги сработат сите проекти што ќе бидат отворени.
Во емисијата „24 анализа“, Анѓушев ги образложи таргетите на градежната експанзија за 2019 година. Рече дека меѓу нив се автопатот Кичево – Охрид што ќе почне интензивно да се реализира, а во моментот се отворени проекти за експресни патишта во Република Македонија како никогаш досега.
Се гради и експресниот пат Штип – Радовиш, Штип – Кочани, Куманово – Крива Паланка, Градско – Прилеп.
Според планот, како што истакна вицепремиерот, кога сите овие градби и плус дополнително локалните патишта и уште 86-те рехабилитации на постојните патишта ќе се земат предвид, нема да постои неангажирана градежна машина. Кон тоа се приклучува и втората делница помеѓу Бељаковце – Крива Паланка што моментно е тендерирана, а е проектирана на 147 милиони евра. Колку ќе чини ќе се знае откако ќе биде избран изведувач.
-Ако сакаме градежништвото да го вратиме на ниво за бројките да покажуваат како во периодот на Скопје 2014, но во физибилни проекти, ние во Републиката Македонија треба да имаме градежна реализација од 56 милиони евра месечно во инфраструктура, патишта, фабрики, приватна градба,… Само овие проекти ќе дадат реализација над 55 милиони евра месечно, а на тоа ќе се додаде и приватната градба. Тоа мене ми дава верба и аргументи дека следната 2019 година градежништвото ќе биде многу подобро, истакна вицепремиерот.
Воедно потенцира дека клучно во градежната експанзија на земјата е градежните проекти да бидат физибилни, а не фиктивни.
-Ако избираме меѓу тоа дали нешто по секоја цена треба да се прави, па тоа и да е прескапо платено, или да се прави нешто што е добро структурирано и домаќински изведено, јас секогаш ќе се определам за второто, заклучи Анѓушев.
Претходно, Трајко Славевски оцени дека сегашната Влада покажа слаба релаизација во градежништвото иако затекна почнати проекти. Дополни и дека загрижува тоа што за почнување каква било градежна активност во Македонија се потребни шест месеци или две до три години подготовка.
-Оваа Влада имаше готови проекти. Почнати, недовршени проекти. Можеби некаде беа потребни корекции како на автопатот Кичево – Охрид, но проблемот е што и во такви околности, на почнати проекти, покажа слаб менаџмент. Оттаму и слабата реализација. За да зборуваме за позитивни состоји во градежништвото две години од сега, сега теба да се работи на подготовка на некој проект, изјави Славевски.
Во дебатата на „24 анализа“ учествуваа и претседателот на Стопанската комора на Македонија Бранко Азески, како и претедателката на ССК Данела Арсовска.