Во последно време македонските домаќинства буџетот го користат на најосновните нешта да го наполнат фрижидерот и да стават гориво во автомобилот,тоа е резултат на високата цена на нафтата и пченицата. Според ова раст на трговијата на мало со храна и горива и пад на продажбата на непрехранбени продукти подолг период регистрира Државниот завод за статистика.
Според последното соопштение за прометот во секторот трговија статистичарите пресметуваат дека во декември, лани, малопродажбата на храна, пијалаци и тутун е зголемена за 5,1 процент номинално, а за само 2,4 проценти реално. Растот на трговијата со горива во номинална вредност изнесува 6,7 проценти, а во реална за 1,2 проценти. Кај продажбата на непрехранбени продукти, со исклучок на горивата има пад од 6,7 проценти номинално и 4,8 проценти реално. Притоа, во однос на истиот месец во 2016 година голем пад, од дури 8,6 проценти, има кај продажбата на моторни возила, моторцикли, делови и прибор за нивно одржување и поправка.
Статистичките анализи кои се направени покажуваат дека просечно земено, околу една четвртина од приходите на македонските домаќинства се трошат токму на храна, а таа е и меѓу приоритетните набавки кои се прават откако ќе се платат сметките и кредитите.Оние со просечни приходи со оние малце пари кои им остануваат можат да си купат уште нешто друго, но затоа на оние кои се полошо ситуирани откако ќе ги измират основните работи не им останува ниту денар.
Народна банка на Република Макеоднија, тврди дека на светско ниво оваа и следната година ќе има поскапувања.Од тука се поставува и прашањето :” Дали тоа ќе ја поскапи и живеачката во Македонија?
Повикувајќи се на податоци од релевантни институции кои ги објавуваат цените на берзанските производи, НБРМ наведува дека повисоки цени ќе имаат нафтата, пченицата, а пченката ќе поевтини под очекувањата. Ќе растат и цените на некои метали, што е добра вест за металната индустрија, која ја има и во нашата држава, но во моментов се соочува со големи проблеми. Се на се, по пред и поновогодишниот бран на поскапувања, кога повисоки цени добија дизел горивото, кое продолжува да поскапува, млечните производи, како путерот, сирењето, поради недостатокот на млеко на глобално ниво, потоа јајцата и што уште не, до крајот на оваа и во наредната година не е исклучено да дочекаме уште многу вакви непријатни изненадувања. Или, едноставно кажано, не е исклучено живеачката да биде потешка
НБРМ според најновата анализа која ја има направено,годинава се очекува поголем скок на цената на нафтата од претходно предвидениот, во најголем дел како резултат на договорот на земјите од ОПЕК и Русија за продолжување на договорот за намалување на производството и прекин во снабдувачките капацитети.
– Од друга страна, за 2019 година е извршена надолна ревизија така што сега се очекува поголемо намалување на цената на нафтата отколку во проекцијата во октомври, наведуваат од централаната банка.
Исто така се очекува цената на пченицата годинава ќе расте, но според оценките на НБРМ, помалку отколку што претходно се проценувало. Очекувањата дека пченицата, како производ чија цена во глобални рамки може да влијае на другите цени, ќе поскапи помалку, се темели на податокот дека се зголемува производството во земјите на ЕУ, а на светско ниво растат залихите. Поголемо поскапување на цената на пченицата се очекува во 2019 година. Цените на пченката, според оваа анализа, ќе бидат во пад како резултат на очекувањата за зголемено ниво на светски залихи.
– Во 2017 и 2018 година цените на металите се ревидирани во нагорна насока очекувајќи повисок пораст на цената на никелот и бакарот, особено во 2018 година, во споредба со проекцијата од октомври што во најголема мера се должи на очекувањата за зголемена побарувачка на овие метали од страна на автомобилската индустрија, како и на можните прекини во снабдувачките капацитети. Од друга страна, во 2019 година проекциите на цените на металите се минимално надолно ревидирани при што сега се очекува помал пораст на цената на никелот и минимален пад на цената на бакарот, наместо претходно очекуваниот минимален раст, се наведува во анализата на НБРМ.