Модерно е на Македонската политичка сцена да се кршат копја кој политички субјект се ангажира најмногу околу работниците. Двете најголеми монолитни партии не го испуштаат работникот од уста. А сега имаме и партија предизвикувач која на цел глас вреска како никој повеќе од нив не се залага за правата и благосостојбата на работниците.
Оваа последната ја знаеме под називот Левица, односно на баба ти омилената трета опција. И тврди дека се залага за работниците. Барем така изгледаше во своите рани почетоци? Деновиве? Деновиве Левица е повеќе десница, тука-таму нафрлува по некоја тема за работниците колку да се замачкаат очи.
Но не ми е тука целта да ги коментирам политичките маневри на една мала партија-предизвикувач.
Редно е веќе да почнеме да расчистуваме со некои излитени слики. Како на пример идеата за типичниот Македонски работник. На политичката сцена уште се фура стереотип за Македонскиот работник како истрошена теткица со попуштени вени во текстилна фабрика. Слика останата од социјализмот каде или си партиски штаботом или текстилец во една од фабриките повторно контролирана од партијата. Ниту една партија не пропушта да се асоцира себеси околу ваквиот архетип на работник. Кутрата тетка Снеже од конфекцијата Герас Цунев, секогаш во фокусот на грижливиот Македонски левичар.
Но дали? Дали во ера на деиндустријализација и се поголемо учество на ИТ и сервисниот сектор во националниот производ може уште да се повикаме на текстилниот работник како на типична претстава на еден Македонски работник?
Според мене, не.
И баш затоа тврдам дека во Македонија сеуште нема партија што вистински ги застапува работните луѓе. Што со малиот сопственик на бизнис? Што со органскиот производител? Што со IT специјалистот? Што со консултантот? Мислам дека е време да го апдејтираме нашиот архетип за типичен Македонски работник.
Tокму тука посочувам кон огромната штета што ја прават левичарските партии во Македонија, СДС, ДПНЕ и Левица. Дали тие го застапуваат работниот човек? Како, кога во типичен левичарски аспект првото нешто што би го направиле е да му донесат на ИТ специјалистот прогресивен данок, наместо олеснети Пејпал плаќања? Како, кога Левица сака да национализира целии индустрии и со тоа да ги задуши шансите за фер плеј и слободна конкуренција на младиот иновативен претприемач?
И да се разбереме, не ги омаловажувам проблемите на текстилците на пример. Само велам дека нивните проблеми можат да бидат решени со еден потпис како што беше направено со Законот за стечајци. Ова се луѓе во поодмината возраст во животот што не бараат многу – гарантирана пензија и предвидлив живот.
Овие луѓе не гаат особена амбиција и не можеме да ги обвиниме заради тоа. Но што со останатите? Со помладите? Со пософистицираните работници? Со попретприемливите? Дали не ја сечеме нивната амбиција од корен со тоа што ги вкалапуваме надвор од она што значи типичен работник и вообичанените политики наменети за тој типичен работник?
Зарем не се овие работни луѓе?
Сега кога веќе имаме свежа и апдејтирана верзија за типичниот Македонскиот работник, да се запрашаме што сака он? Што сака IT специјалистот? Сопственикот на фризерски салон? Консултантот?
Не многу. Робустен финансиски пазар. Инвестициони можности. Отворен банкарски систем. Интегриран царински систем. Редовен поврат на ДДВ. Казнивост на рекетарството. Мала но ефикасна држава а не бесконечни бирократски лавиринти полни со исповработени партиски штаботоми. Приватен пазар со растечка апсорпциона моќ што ќе може да плати за неговите добра и услуги, а не држава во која јавниот сектор е најголем потрошувач, тип на средина што поканува кронизам и корупција.
Како може Левица или било која левичарска партија да им овозможи такви нешта на Македонските работни луѓе? Како, кога голема, интервенционистичка држава е во сржта на нивната идеологија? Како ќе овозможи Левица слободен пазар кога е против слободниот пазар и претприемништво, во кој случај и преостанува само да креира совети и институции, уште поголеми државни тела за да ги упика и награди своите симпатизери да во случај дојде на власт?
Како можат трите Македонски левичарски партии да тврдат дека се залагаат за Македонскиот работник кога ниту една од нив не овозможува можности за своите членови на слободен пазар, а наместо тоа рецептот е постојано да им дава леб во уста преку легачење во државни институции?
Истиот нефункционален пристап веќе триесет години а сега бараме уште повеќе од него?
Затоа сметам дека мораме да расчистиме што е што. Доста со левичарање. Доста со истрошениот стереотип на изгладнетиот текстилец како типична претстава за Македонскиот работник со која комуњарските партии манипулираат веќе триесет години.
И едната партија и другата и третата се должни да му одговорат на работниот човек – Каде е слободниот пазар? Зошто приватниот сектор има таква мала апсорпциска моќ? Зошто и покрај нивните таканаречени заложби, единствениот начин за нивното членство да донесе леб дома е преку ангажман во владини или партиски институции? Зошто партијата е сеуште единствената опција за Македонскиот работен човек?
Ќе престанеме ли конечно да се влажниме на лагите на левичарите?
Каде е вистинската партија на работните луѓе во Македонија? Онаа што ќе овозможи процут на слободниот пазар, каде работните претприемливи луѓе ќе имаат еднакви шанси за економски натпревар?
Ќе видиме ли наскоро таква партија?
Пишува: Блаже Аризанов