НЛБ Банка Скопје ќе издвои 1,5 милијарди денари од нејзината добивка за 2017 година, за исполнување на базелските стандарди пишува во предлог одлуката за претстојното акционерско собрание. Заради тоа износот за дивиденда од ланската добивка ќе биде за 37,5 отсто понизок од тоа што банката го подели како дивиденда од добивката остварена во 2016 година.

НЛБ Банка ќе додели 531,23 милиони денари дивиденда во бруто износ од добивката остварена во 2017 година, објави вчера банката и шокира многумина мали акционери затоа што очекувањата беа дека во најмала рака дивидендата ќе биде како и во 2016 година кога бруто приносот доделен на акционерите изнесуваше 849,8 милиони денари.

 

Ова значи дека акционерите – домашни физички лица на НЛБ Банка ќе можат да очекуваат нето дивиденда во износ од 560 денари за секоја акција. Лани оваа банка исплати дивиденда во нето износ од 895 денари за акција.

 

НЛБ Банка ќе подели нето дивиденда од 560 денари за акција од добивката за 2017 година и оваа информација значајно влијаеше на корекција на пазарната цена на таа акција која се спушти до 12.500 денари за акција. Според предлог одлуката за акционерското собрание закажано на 11мај годинава од добивката за 2017 година најголем дел ќе биде издвоен за општ резервен фонд на банката и тоа износ од 1,5 милијарди денари. Соодносот на средства за општ резервен фонд со средствата издвоени за дивиденда е 3:1 во корист на општиот резервен фонд. Само за споредба во истата предлог одлука за распределба на добивката од работењето во 2016 година соодност на парите наменети за дивиденда и парите наменети за општиот резервен фонд бил речиси 2:1 во корист на средствата издвоени за дивиденда наспрема средствата издвоени за општиот резервен фонд.

 

Во образложението на предлог одлуката пишува дека распределбата се врши со цел да се зајакне капиталната база на банката и во функција на исполнување на новите барања за дополнителен редовен основен капитал кои настанаа со воведување на Базел 3 во Република Македонија во 2017 година. Овие средства може да се издвојат од добивката или со докапитализација.

 

Што е Базел ?

Почнувајќи од 80-тите години на минатиот век, Базелскиот комитет за банкарска супервизија дава препораки до супервизорските органи во однос на потребната адекватност на капиталот и рамката за управување со ризиците во банкарскиот сектор. Базелскиот комитет за банкарска супервизија дава препораки до супервизорските органи во однос на потребната адекватност на капиталот и рамката за управување со ризиците во банкарскиот сектор. Овие препораки еволуираа во текот на времето, како одговор на различните кризи и утврдените слабости на препораките. Во моментов, актуелни се препораките на спогодбата Базел 3.

Извор: Фактор