Спалната соба е најприватното катче во домот, место каде што ги полниме „батериите“, место каде што ги сонуваме најубавите соништа, кое го користиме само за нас. И иако ретко некој може да види како изгледа ова катче, дефинитивно заслужува внимание при уредувањето.

Спалната соба треба да ги изразува вашите омилени бои, чувства и да биде рефлексија на вашиот карактер. Има неколку главни правила што треба да ги запомните при уредување на спалната соба. Понекогаш немаме избор за големината на спалната соба, а добрата вест е дека малку стратегиско стилизирање и креативно организирање ќе направат малиот простор да изгледа доволно простран.

Пред сѐ, спалната соба треба да биде обоена со суптилна боја, која ќе ги одмора и смирува очите. Нежните нијанси на сина, лаванда или зелена боја се сметаат за смирувачки. При додавање на омилените бои, обидете се да ги користите нивните тонирани верзии, односно наместо темновиолетова, одберете боја на лаванда или наместо портокалова, одберете боја на тиква. Доколку сакате да додадете повеќе бои, се препорачува да направите еден карактеристичен ѕид кој ќе ѝ даде посебно обележје на собата. Може тоа да бидат панели, галерија од семејни фотографии од значајни моменти, тапет или темна/металик боја.

При бојадисување на ѕидовите, не заборавајте го и таванот, кој е петтиот ѕид во вашата соба. Со цел визуелно да се спушти таванот, бојадисајте го во малку посветла нијанса од другите ѕидови, а може и да додадете некоја суптилна шема.

Спалната соба треба да изгледа удобно и едноставно, па затоа избегнувајте непотребни елементи. Додатоците сведете ги на минимум така што ќе одберете некоја интересна уметничка слика, неколку семејни фотографии, свеќи и цвеќе во контрастни бои, кои покрај декорот ќе обезбедат и подобар квалитет на вашиот сон. Не само што растенијата и цвеќињата помагаат при филтрирање на загадувањето, тие исто така ги елиминираат хемиските токсини (бензен, формалдехид, трихлоретилен итн.). Употребете цвеќиња како јасмин, антриум, лаванда, рузмарин, англиски бршлен и слично.