Се олеснува користењето на парите од ИПАРД програмата. Земјоделците ќе добијат можност за предфинансирање, односно да добијат дел од поддршката пред да ја завршат инвестицијата. Ова беше голем проблем особено што фармерите мораа самите однапред да ја платат целата сума за потоа да добијат поврат на половина од вложеното.
Последните законски измени предвидуваат можност за предфинансирање за корисниците на ИПАРД програмата. Досега земјоделците за инвестиции во преработка и маркетинг на земјоделски производи мораа да земат банкарски кредити или друг вид на заем за да го реализираат одобрениот проект, а потоа државата им враќаше 50 или поголем процент од вложените пари.
Сега парите можат да ги добиваат однапред односно, сопственото учество на инвеститорот се покрива со државни средства, кој има обврска на 8 годишни рати да го врати без камата. Тоа се утврдува во договорот што се потпишува со Платежната агенција.
Помошта се доделува на корисници чија инвестиција опфаќа реконструкција на објекти, набавување на опрема и изградба на капацитети за постбербени активности и чување на родот.
Корисникот на помошта е должен пред склучување на договорот, до Агенцијата да достави банкарска гаранција за квалитетно и навремено звршување на инвестицијата.