За потсетување на македонските читатели, во 2015 година, Кина постави амбициозен 10-годишен план наречен „Произведено во Кина 2025“. Целта на планот беше да се постигнат самоодржливост, иновации и сила во преработувачката индустрија во рок од 10 години. До каде стигна реализацијата на тој колосален план? Имаше ли и колосален напредок? Во текстот што следува ќе преземеме делови од текстот на „Саут Чајна морнинг пост“.
Зафати за општествена одржливост и развој, како светли примери за секоја нација во светот
На осум месеци до 2025 година, „Саут Чајна морнинг пост“ го истражуваше напредокот на Кина. Кога планот „Произведено во Кина 2025“ за првпат беше претставен во 2015 година, повеќето автомобили на кинеските патишта беа од западни производители, на небото доминираа авионите на американската компанија „Боинг“ или на европскиот „Ербас“. Многу кинески фабрики не можеа да работат без увезени машински алати и делови. Чиповите, оперативните системи и софтверот во компјутерите и мобилните телефони главно беа набавени од САД. Дури и базите на податоци што ги користат банките се потпираа на мултинационалните корпорации за да ги кодираат и одржуваат.
Тогаш Кина стоеше на дното на глобалниот индустриски синџир, произведувајќи претежно евтини и технички заостанати производи. Планот „Произведено во Кина 2025 “ се обиде да го промени тоа. И успеа.
Во 2018 година, тогашниот американски претседател Доналд Трамп се обиде да го наруши планот на Кина со започнување трговска војна. Американската влада ги санкционираше кинеските високотехнолошки компании, воведе високи царини и започна истрага на национално ниво против научниците што работат со Кина. Откако Џозеф Бајден ја презеде функцијата лидер на САД во 2021 година, тој отиде чекор понатаму со воведување мерки како забрана за извоз на чипови во Кина.
„Саут Чајна морнинг пост“ регистрира повеќе од 260 остварени цели на 10-годишниот план на Кина, кој опфаќа 10 клучни области, од кои многу вклучуваат високоспецијализирани и сложени технологии. Анализата потврдува дека повеќе од 86 отсто од овие цели се постигнати, а некои други најверојатно ќе бидат завршени подоцна оваа или следната година. Во меѓувреме, некои од целите, како што се електричните возила и производството на обновлива енергија, се далеку надминати, се вели во анализата.
Како директен резултат на упорноста и напредокот на планот „Произведено во Кина 2025“ дојде до радикални промени во кинеското општество. Бројот на електрични возила купени од кинеските потрошувачи сега го надмина бројот на возила со фосилни горива, а најпопуларни се локалните брендови. Патничкиот авион „C919“ од кинеско производство почна да опслужува некои од најпрометните маршрути, а широкото усвојување на технологијата 5Г им овозможува на патниците во железницата во Кина да уживаат во брз интернет дури и кога минуваат низ тунели.
Исто така, Кина има повеќе т.н. паметни фабрики и автоматизирани терминали од која било друга земја. Телефоните од високата класа што користат домашни чипови и оперативни системи станаа најпродавани, а производствениот капацитет на кинеските бродоградилишта, меѓу другото, го надмина оној на САД за над 200 пати.
Некои цели остануваат неисполнети, вклучувајќи ги и напредната технологија за фотолитографија што се користи во производството на електрични кола, интерконтиненталните патнички авиони и широкопојасните интернет сателитски мрежи. Оваа година кинеската влада предложи уште еден амбициозен план за развој на „нови производствени сили“, што се смета за продолжение на иницијативата „Произведено во Кина 2025“.
Сега, соочен со висококвалитетни и евтини високотехнолошки производи од Кина, особено во фотоволтаичните системи, големите турбини на ветер и електричните возила, Западот размислува да започне нова рунда трговски војни и санкции. Но неизвесно е колку би можеле да бидат успешни. Гледајќи ги рестриктивните мерки што Западот ги воведе до денес, тие се покажаа како ограничени во нивната ефикасност – а понекогаш дури и контрапродуктивни.
Токму во тој контекст Кина е во фокусот на нашата опсервација, при што се поставува и прашањето: може ли и Македонија да ги најде својот пример и водилка за да направи реален динамички план, да подготви мерки и активности за негова реализација и да најде мотивирани и посветени човечки ресурси за да го реализира тој план, токму онака како што направи народот на Кина, а планот „Произведено во Кина 2025“ ја трансформираше земјата од следбеник во лидер
Една од областите каде што Кина се соочува со најголеми пречки е индустријата за информатичка технологија. САД и нивните сојузници не само што ги спречуваат кинеските компании да пристапат до напредна технологија за чипови туку и го отежнуваат влезот на кинеските телекомуникациски производи, како што се базните станици 5Г, на европскиот и американскиот пазар. И покрај овој предизвик, Кина ги постигна повеќето од поставените цели во интегрираните кола, комуникациската опрема, оперативните системи, индустрискиот софтвер и паметното производство.
Исто така, денес кинеските паметни телефони со функции на вештачка интелигенција се многу конкурентни, а на полето на технологијата на фотолитографија, „Хуавеи технолоџис“ постигна процес на двојна или повеќекратна експозиција за супериорно производство на чипови.
Во светот на електричните возила, глобалните потрошувачи со нетрпение бараат технолошки напредни возила произведени во Кина, што доведе до тоа Кина да ја надмине Јапонија како најголем извозник на автомобили во светот минатата година. Всушност, колку повеќе признанија добиваат кинеските електрични возила, толку повеќе се соочуваат со санкции: тие станаа главна цел на новата рунда санкции и царини од страна на САД и некои европски земји, кои ја наведуваат интервенцијата на кинеската влада како причина за потегот. Дури и кинеската влада не очекуваше брз раст на побарувачката за електрични возила. Според „Произведено во Кина 2025“, годишната продажба на електрични возила требаше да достигне три милиони до следната година, но кинеските производители на автомобили продадоа речиси 10 милиони минатата година.
Во кинескиот сектор за технологија за електрична опрема, според „Саут Чајна морнинг пост“, планот „Произведено во Кина 2025“ ја трансформираше земјата од следбеник во лидер.
Кинеските научници и инженери ги развија најефикасните и најчисти електроцентрали на јаглен во светот, како и нова генерација технологии за нуклеарна енергија. Тие ги изградија и најмоќните хидроелектрични централи во светот, најефикасните соларни централи, најмоќните турбини на ветер и најнапредната преносна и дистрибутивна мрежа на долги растојанија. На полето на роботиката, земјоделската опрема, биофармацевтската индустрија и бродоградбата се постигнати сите поставени цели. Лековите за рак развиени од кинески компании почнаа да влегуваат на американскиот пазар, а цените се мал дел од сличните лекови што ги нудат западните фармацевтски компании. Технолошкиот напредок, исто така, значително го зголеми кинеското земјоделско производство. И покрај ограниченото обработливо земјиште, Кина произведува повеќе од половина од зеленчукот во светот, благодарение на употребата на дронови, автоматски сејалки и на биотехнологија.