Коментар на неконсолидиран неревидиран Биланс на успех и Биланс на
состојба на Комерцијална банка АД Скопје
за периодот 01.01 – 30.06.2019 година
1. Биланс на успех
Во периодот од 01.01-30.06.2019 година Банката од своето работење оствари
позитивен финансиски резултат во износ од 675,1 милиони денари наспроти
остварениот позитивен финансиски резултат во истиот период минатата година во
износ од 1.314,7 милиони денари. Помалку остварениот финансиски резултат во
тековниот период се должи на два настани кои имаа клучно влијание на структурата на
приходите на Банката во истиот период од минатата година. Имено, во текот на првиот
квартал од 2018 година беа финализирани интензивните активности на Банката за
решавање на статусот на должникот ФЕНИ – Кавадарци, такашто беше склучен и
реализиран договор за продажба на побарувањата од ФЕНИ, со што во билансите на
Банката беше евидентирано ослободување на исправката на вредност и истото имаше
соодветен ефект врз остварениот финансиски резултат. Дополнителен ефект во
минатата година имаше и реализираната висока капитална добивка од продажба на
преземен имот. Наспроти ова, во тековниот период доминираат приходите од редовни
активности и се забележува стабилизирање на нивото на исправката на вредност на
финансиските средства и посебната резерва за вонбилансни изложености.
Остварената добивка пред исправка на вредност, која претставува показател за
оперативната способност на Банката да ги покрива расходите од работењето, е за
36,9% помала во однос на минатата година. Намалувањето на добивката пред
исправка на вредност главно произлегува од помалиот износ на реализирани останати
приходи, а пред сè приходи од капитални вложувања и капитална добивка. Имено, во
истиот период минатата година Банката изврши продажба на имот преземен од
должникот Брилијант Штип по кој основ реализираше капитална добивка во вкупен
износ од 411 милиони денари.
Вкупните приходи од работењето изнесуваат 1.920,7 милиони денари и бележат
намалување од 24,7% во однос на истиот период од минатата година.
Нето-приходите од камата претставуваат основна компонента во формирањето на
вкупните приходи од работењето и на 30.06.2019 година истите бележат намалување
од 8% во однос на истиот период од минатата година главно како резултат на намалени
приходи од камата од кредити дадени на нефинансиски друштва, поради намалување
на нивната состојба, како и од намалени приходи од камати од секторите држава и
финансиски друштва поради намалени каматни стапки на државните и благајничките
записи, а во помал дел и од намалени приходи од камата од секторот домаќинства по
основ на намалување на активните каматни стапки. Планот за анализираниот период е
остварен со 92,3%.
Нето приходите од провизии и надоместоци на 30.06.2019 година изнесуваат 468,1
милиони денари и во однос на истиот период од минатата година бележат зголемување
од 13,9%. Планот за анализираниот период е остварен со 101,4%.
Нето приходите од курсни разлики на 30.06.2019 година изнесуваат 58,3 милиони
денари и бележат намалување од 31,2%. Планот за анализираниот период е остварен
со 83,9%.
Останатите приходи од работењето на Банката на 30.06.2019 година изнесуваат
209,6 милион денари и бележат намалување како резултат на повеќе реализирани
приходи од капитални вложувања и капитална добивка од продажба на преземен имот
во првиот кваратал од минатата година.
Оперативните расходи за периодот 01.01-30.06.2019 година изнесуваат 816,6
милиони денари и во однос на истиот период од минатата година се зголемени за 1,8%
по основ на зголемена премија за осигурување на депозитите и други расходи за
хипотекарни објекти. Планот е остварен со 101,1%.
Загубата поради оштетување на нефинансиските средства на нето основа
заклучно со месец јуни изнесува 3,9 милиони денари и во најголем дел се однесува на
оштетување на имот чија нето вредност е сведена на нула согласно регулативата од
НБРМ.
Во извештајниот период Банката оствари исправка на вредност на финансиските
средства и посебна резерва за вонбилансни изложености на нето основа во износ
од 425,1 милион денари. Во истиот период од минатата година беше склучен и
реализиран договор за продажба на побарувањата од ФЕНИ, поради што исправката
на вредност изнесуваше 64,4 милиони денари.
2. Биланс на состојба
Вкупната актива на Банката на 30.06.2019 година достигна износ од 114.210,6
милиони денари и во однос на декември 2018 година бележи намалување од 0,2%
главно поради намалувањето на паричните средства. Притоа, во структурата на
активата се забележува умерено зголемување на учеството на кредитите на
коминтенти и на вложувањата во хартии од вредност, а за сметка на тоа, учеството на
паричните средства се намалува. Промената е поттикната од зајакнувањето на
капиталната позиција, што овозможи Банката на пазарот да понуди модифицирани
кредитни производи за физички и правни лица со поповолни услови во однос на
конкуренцијата. Исто така, укинувањето на регулативата за вложување во хартии од
вредност на странските пазари овозможи Банката да пласира средства во должнички
ХВ кои носат поволни приноси и согласно тоа се изврши преструктурирање на активата
со пренасочување на дел од средствата кои беа пласирани во странски банки со
негативни каматни стапки. Планот е остварен со 97,9%.
Паричните средства и паричните еквиваленти бележат намалување од 12,4% како
резултат на намалената состојба на тековните сметки и орочените депозити до 3
месеци пласирани во странски банки. Планот е остварен со 85,2%.
Средствата за тргување се зголемени за повеќе од седум пати како резултат на
вложување во странски финансиски друштва (купени 49.610 акции од Tirana Bank Sh.A
во износ од 2,5 милиони евра или 154,6 милиони денари).
Финансиски средства по објективна вредност преку билансот на успех
определени како такви при почетното признавање во износ од 335,8 милиони
денари се состојат од вложувања во удели во инвестициски фондови.
Кредитите на и побарувањата од банки бележат скоро двојно зголемување како
резултат на пласирани средства во странски банки со рочност над 3 месеци, заради
минимизирање на неповолните ефекти од негативните каматни стапки.
Кредитите на и побарувањата од други комитенти бележат зголемување од 2,5%
главно како резултат на зголемени потрошувачки кредити на физички лица со валутна
клаузула. Планот е остварен со 99,4%.
Вложувањата во хартии од вредност се зголемени за 17,1% како резултат на купена
еврообврзница издадена од РСМ Министерство за финансии, купени корпоративни
обврзници издадени од странски банки и во помал дел од купени континуирани
државни обврзници во денари. Имено, со укинувањето на Одлуката од НБРСМ за
условите што треба да ги исполнуваат хартиите од вредност во странство во кои може
да вложува овластена банка, се овозможи Банката да вложува во хартии од вредност
издадени за странските пазари, кои во моментот нудат задоволителен принос, во
услови на недостаток на прифатливи проекти за кредитирање на домашниот реален
сектор.
Преземените средства врз основа на ненаплатени побарувања се намалени за
1,7% како резултат на евидентирано оштетување на имотот согласно со регулативата
од НБРСМ, како и по основ на продажба на преземен имот.
Вкупните депозити (депозити на комитенти и депозити на банки) достигнаа износ
од 99.886,5 милиони денари и бележат зголемување од 0,4%. Планот е остварен со
98,6%.
Обврските по кредити достигнаа износ од 887,4 милиони денари и се намалени во
однос на декември 2018 година како резултат на отплатени доспеани рати од
кредитните линии. Планот е остварен со 108%.
Акционерскиот капитал и резервите на Банката со состојба 30.06.2019 година
достигнаа износ од 12.115,9 милиони денари и бележат намалување од 2,3% во однос
на 31.12.2018 година како резултат на исплата на дивиденда на акционерите од
остварената добивка за 2018 година. Исплатата на дивиденда е извршена согласно
регулативата од НБРСМ, при што Банката едновремено ги зајакна сопствените
средства преку зголемување на резервниот фонд за 500 милиони денари и
евидентирање на задржана добивка во износ од 323 милиони денари согласно Одлука
од Собранието на акционери одржано на 04.04.2019 година.
3. Очекувања за претстојниот период
Макроекономските услови во кои Банката ќе ја остварува својата активност во 2019
година се потпираат на очекувања за умерено забрзување на економскиот раст
споредено со 2018 година, поттикнато од подобрениот политички амбиент и
поизразениот оптимизам кај деловните субјекти. Сепак, остануваат присутни ризиците
поврзани со процесите за прием на Државата во НАТО и ЕУ, како и надворешните
ризици.
Подобрениот политички амбиент се очекува да даде позитивен импулс на растот на
инвестициите и приватната потрошувачка. Врз основа на овие претпоставки и согласно
оцената дека растот на БДП за 2018 година ќе изнесува околу 2,3%, се очекува истиот
во 2019 година да забрза на 3,5%. Стабилните макроекономски услови ќе се потпираат
на стабилната и предвидлива инфлација и стабилниот номинален девизен курс на
денарот во однос на еврото. Се очекува просечната годишна стапка на инфлација,
мерена преку индексот на трошоците на животот, во 2019 година да се движи околу 2%.
Тоа значи мало забрзување на инфлацијата во однос на 2018 година.
Се очекува годишниот пораст на вкупните кредити на банкарскиот систем во 2019
година да достигне до 8,5%. Порастот на кредитите би се финансирал првенствено од
депозитната база на банките, при што се очекува растот на вкупните депозити на
нефинансискиот сектор да достигне до 7,7% во 2019 година.
Банката ќе ги презема сите неопходни активности за остварување на зацртаните цели и
задачи во рамки на Програмата на мерки и активности на деловната политика за 2019
година, при што ќе биде фокусирана пред се’ на подобрување на квалитетот на
портфолиото. Банката очекува забрзан раст во делот на кредитирање на нефинансиски
правни лица, како и умерен раст во делот на кредитирање на население, при што не се
планираат значителни промени во структурата на активата. Исто така не се планирани
значителни промени во структурата на изворите на финансирање, така што депозитите
на нефинасискиот сектор и натаму остануваат со доминантно учество во вкупните
извори на средства.
4. Известување за промени во сметководствените политики и методи на
вреднување.
Во првото полугодие од 2019 година нема промени во сметководствените политики и
методи на вреднување.
5. Исплатени дивиденди
На ден 04.03.2019 година, Банката го објави Јавниот повик за учество на Годишно
собрание на акционери кое се одржа на 04.04.2019 година. Составен дел на
материјалите за Собранието беа и Одлуката за употреба и распределување на
нераспределената добивка до 31.12.2018 година и Одлуката за определување на
износот на дивидендата и датуми на исплата на дивиденда за 2018 година.
Согласно Одлуката за употреба и распоредување на нераспределената добивка до
31.12.2018 година и Одлуката за утврдување датуми при исплата на дивидендата за
2018 година, Банката почнувајќи од 07.05.2019 година врши исплата на дивидендата за
2018 година на акционерите иматели на обични акции кои се евидентирани во книгата
на акции на 19.04.2019 година. Од вкупно пресметаната дивиденда за 2018 година во
износ од 957.208 илјади денари, исплатена е дивиденда на правни лица во износ од
536.520 илјади денари и на физички лица во износ од 420.688 илјади денари. Износот
на дивиденда по акција е 420,00 денари, односно 42,0% од номиналната вредност на
акцијата.
6. Вложувања или продажба на материјални средства (недвижности,
постројки и опрема) или значителен отпис (поголем од 30% од вредноста
на средството споредено со последните годишни ревидирани финансиски
извештаи)
Недвижностите и опремата во првото полугодие од 2019 година бележат намалување
од 1,2% во однос на декември 2018 година, главно како резултат на пресметана
амортизација.
7. Промени во кредитните задолжувања (намалувања или зголемување
поголеми од 30%)
Во првото полугодие од 2019 година обврските по кредити бележат намалување од
4,5% во однос на декември 2018 година, главно како резултат на повисокиот износ на
редовна отплата на обврските по кредити во однос на износот на новите повлекувања
по договорите за кредит.
Скопје, 31.07.2019 година.