Можеби насловот на просечниот читател ќе му делува претеран и тендециозен, но јас лично дури сметам дека е преблаг.

Пред некој ден, дојде соопштение од нешто како конзорциум на банки во Македонија, каде најголемите и водечки банки во земјата направиле конзорциум, и тоа мултинационален со учество на банка од Албанија и со заеднички сили се договориле да финансираат грандиозен проект. До овде, овој напор за вмрежување на банки, здружување на средства за повисока цел и кауза го поддржувам силно и сметам дека е прав начин на функционирање на секоја економија. Впрочем, секој поголем проект било од инфраструктура, производство, стартапи, општествени цели, дури и државни буџетски потреби се финансираат со здружени банкарски сили на американски, европски или кинески банки. најчесто комбинирано. Но, каде тука јас го гледам проблемот.

Епа драги мои, проблемот настанува во тоа што нашите банки, финансираат молови. Да, изградба на големи трговски центри за локална трговија и дремење по кафетерии. Замислете, кај нас во 2020 година пристигна американскиот концепт од 1950-тите. Концепт кој изумира и е надживеан веќе секаде во светот.

Дека концептот е надживеан и општествено непотребен, не би елаборирал многу туку би ги посочил следните линкови, за да интелегентниот читател одреди сам каде се движи овој концепт. Затоа може да се провери на следниот :  Линк

Исто и на овој  Линк

Како и на овој  Линк

А исто така и на овој  Линк

И можам вака да напројувам линкови и извори во недоглед, но да не го губиме фокусот, што кажуваат измислителите на бизнисот и лидерите во економијата е следното: Дојде ерата на интернетот, молот е мртов. Немаме потреба да плаќаме илјадници долари за квадратен метар ништовило, ќе Ви испорачаме дома! Face it….

Надвор од овие донамби, дојде и пандемијата од незапамтени размери која му се заканува на целокупната светска економија да ја падне на колена и да не може да се опорави долго време, можеби подолго од Големата рецесија во 1920-тите или Хипотекарната криза во 2008-та. Што е најстрашно, оваа криза се заканува да биде најдлабоката меѓусекторска криза во реалната економија која ќе ја расштрафи и разлабави компактноста на глобалната економија и поради тоа како афтершок ќе изгази милиони бизниси – претежно мали – пред себе.

Да се разбереме, сметам дека секогаш ќе има потреба од изложбен простор, но во се помали количини и по се поефтини цени, бидејќи економијата е се повеќе виртуелна.

Но она што навистина ми е жал, а нашите банки немаат капацитет да го увидат, препознаат и финансираат се следните области : старт-апите ( во Македонија практично не постои банка која финансира старт-апи ), зелената економија ( такуѓере ), крупни инфраструктурни проекти од општествен интерес ( ова ни го финансираат странски-најчесто кинески банки – што ни дава особен шмек дека сме земја од Третиот свет ), инвестиционо банкарство во реалниот свет ( тоа исто така не постои, освен во рецедитив на залог за пари по раното англосаксонско мешетарење ).

Зошто не видиме банкарски конзорциуми во овие области, како што прават азиските( особено кинески и јапонски банки ), американските и европските банки?

Затоа што менаџментот на банките нема визија ! Затоа што менаџментот на нашите банки го изгазил времето ! Затоа што менаџментот на банките не ги следи тековните трендови во светот !

Зошто менаџментот на банките е ваков лош кај нас? Затоа што не ја сватил правилно неговата улога! Наместо мотор на развојот на економијата тие се лубрикант на лихварството и мешетарењето !

Зошто не се впуштаат банките во развојни проекти ? Затоа што полесно е да ви го земат станот како залог ако не ги вратите парите… Што ќе се замараме дали успеал проектот или не… Нема што да генерираме успешни компании… Бап станот по гла и чао пријатно… сите задоволни…

Зошто менаџментот не ја препознае потребата за да дојде PayPal во Македонија? Затоа што треба да откаже од уникатниот налог за плаќање кој чини 60 евроценти во земја со плата од 250 евра и не постои поскап во светот и затоа што од провизии генерираат 60-70% од приходот…

Зошто, зошто, зошто…? Има многу Зошто во нашите банки, но моментално најголемо зошто мене ми е: Кој бре, со сиот ум одлучил да прави мол од 50 милиони евра во ова време на одумирање на моловите и секакви забрани за помасовно групирање поради пандемијата?

 

Наум Димитровски