Комерцијална Банка А.Д Скопје во соопштението преку Македонската берза соопшти дека макроекономските услови во кои банката ќе ја остварува својата активност во 2018 година се очекува да бидат слични како во 2017 година.
Продолжувањето на стабилните макроекономски услови ќе се потпира на ниската и предвидлива инфлација и стабилниот номинален девизен курс на денарот во однос на еврото.
Се очекува просечната годишна стапка на инфлација да се движи во распон од 1,5% до 2%. Ценовната стабилност ќе биде поткрепена со понатамошна примена на монетарната стратегија на таргетирање на номиналниот девизен курс на денарот во однос на еврото од страна на Народната банка на Република Македонија.
И покрај континуитетот на макроекономската стабилност, не се очекува драматично забрзување на економскиот раст на македонската економија во 2018 година, такашто се очекува реалниот раст на бруто домашниот производ да забрза, но да се движи во распон помеѓу 2,5% и 3%. Се очекува годишниот пораст на вкупните кредити на банкарскиот систем да биде од 5% до 6%“, соопшти банката.
Порастот на кредитите би се финансирал првенствено од депозитната база на банките. Банката ќе ги презема сите неопходни активности за остварување на зацртаните цели и задачи во рамки на Програмата на мерки и активности на деловната политика за 2018 година, при што ќе биде фокусирана пред се’ на подобрување на квалитетот на портфолиото.
„Растот на кредитната активност на банката се очекува да биде умерен во делот на кредитирање на нефинансиски правни лица, како и делот на кредитирање на население согласно регулативата од страна на НБРМ, при што не се планираат значителни промени во структурата на активата. Исто така не се планирани значителни промени во структурата на изворите на финансирање, така што депозитите на нефинасискиот сектор и натаму остануваат со доминантно учество во вкупните извори на средства“, соопшти банката.