Во Собранието вчера беа усвоени измените на Законот за извршување, скои предвидуваат прекин на растот на каматата во момент кога таа ќе го достигне износот на главниот долг.
Измените ќе важат и за постапките за извршување кои што се во тек, што значи дека насобраните камати кои го надминуваат основниот долг ќе бидат избришани.
Овие законски измени со години ги бараше Народниот правобранител за да се спасат граѓаните од должничкото ропство.
Пратениците исто така дадоа зелено светло за усвојување на Законот за данокот на солидарност по скратена постапка, но и измени на Законот за облигациски односи.
Измените на Законот за облигациски односи се со цел заштита на правата на должникот поради неактивна улога на доверителот и извршителот. Досега беше предвидено сите побарувања што се утврдени со правосилна судска одлука или со одлука на друг надлежен орган, или со порамнување пред суд или пред друг надлежен орган, да застаруваат за десет години, па дури и оние за кои законот инаку предвидува пократок рок за застареност.
Ваквата одредба беше често пати злоупотребувана, па во многу случаи намерно се чекало да поминат повеќе од 9 години за да се почне со постапка за извршување, со цел да се дојде до што поголема заработка преку казнените камати кои непрекинато растеа. Со измените, тој рок за застареност се скратува на 5 години.
Внесен е и нов став кој ќе го појаснува овој дел, при што предлог е застареноста да може да биде прекината само во случај на наплата и реализација на дел од побарувањето, а не со само преземени дејствија на Поднесено барање за извршување, Изготвен налог и слично.