Руски Газпром неделава ја намали испораката на гас во Европа преку гасоводот Северен тек 1 за 60 отсто, тврдејќи дека не му е вратена турбината која му ја испратил на германски Сименс на редовно одржување.

Сименс турбините ги сервисира во фабрика во Канада, која го блокирала враќањето на делот поради санкциите против Газпром поради руската инвазија на Украина.

Аеродериватните гасни турбини за компресорските станици на Северен тек 1 се испорачани во 2009 година, соопшти неделава Сименс енерџи. Произведени се во Канада и треба редовно да се сервисираат, истакна компанијата, додавајќи дека една од нив во моментов е на ремонт во Монтреал.

Германија сè уште значителен дел од потребите за гас ги покрива со увоз од Русија, па се соочи со сериозен недостиг.

„Канадската влада активно разговара со Германија за турбината и работиме на решение“, порача портпаролот на канадското министерство за природни ресурси.

Москва вчера предупреди дека испораките на гас може целосно да прекинат ако се одолговлечи враќањето на опремата.