Кој да ја наследи Кристин Лагард на врвот на Меѓународниот монетарен фонд? Дебатата околу тоа во државите на ЕУ се водеше со недели, за сега конечно да биде постигнато единство – кандидат е Кристалина Георгиева.
Европејците ја номинираа Бугарката Кристалина Георгиева како заеднички кандидат за челната позиција на Меѓународниот монетарен фонд. До последен момент во игра беше и името на поранешниот шеф на Еврогрупата, Холанѓанецот Јерон Дејселблум. Тој ѝ честиташе на Георгиева преку Твитер.
Францускиот министер за финансии Ле Мер, кој ги водеше преговорите, изрази задоволство од постигнатата согласност меѓу ЕУ-министрите. Тој истакна дека Георгиева располага со компетентност, искуство и меѓународна веродостојност и може да ја замени Лагард и со успех да го води ММФ. Досегашната шефица на ММФ, Кристина Лагард, ја презема водечката позиција во Европската централна банка.
Раководењето со ММФ, чие седиште е во Вашингтон, традиционално се наоѓа во европски раце. Но, постојат и кандидати од други региони, што значи изборот на Георгиева уште не е сигурен. Таа моментно има раководна позиција во Светската банка, а претходно повеќе години беше еврокомесар во Брисел.
Цел на ЕУ беше презентирање заеднички кандидат кој располага со доволно искуство на полето на меѓународните финансиски односи. Во игра претходно беа имиња на повеќе кандидати, меѓу кои и директорот на Финската централна банка Оли Рен, шефот на Еврогрупата од Португалија, Марио Центено и шпанската министерка за економија Надиа Калвино. Еврогрупата ја сочинуваат министри за финансии од 19 земји на еврото. ММФ е формиран заедно со Светската банка кон крајот на Втората светска војна во 1945 година. Како светски гремиум тој има задача да надгледува да не настанат поголеми монетарни турбуленции, чија последица би биле евентуални политички кризи. Меѓу другото ММФ доделува кредити на презадолжените и земји кои се наоѓаат во платежна криза. Моментно во организацијата припаѓаат 189 држави.