Вкупните енергетски капацитети од обновливи извори на енергија во Македонија пораснаа за 551,2 мегавати во последните две години, од кои 399 мегавати беа во 2023 година или два и пол пати повеќе од годината претходно, објави „Балкан грин енерџи њуз“.
Како што пишува порталот, Македонија останува на врвот од земјите од Западен Балкан според енергетската транзиција, а инвестицискиот бран беше поттикнат од комбинација на законски реформи и проектите за фотоволтаици на ЕСМ.
Регулаторната комисија за енергетика минатата година издала лиценци за 399 мегавати за производство на електрична енергија од обновливи извори.
– Регистрираме раст од 160 отсто на новоинсталирани капацитети за производство на електрична енергија во само една година. Податоците на РКЕ покажуваат дека енергетската транзиција се случува секој ден. Секој работен ден податоците покажуваат дека имаме уште 1,5 мегавати вклучени во системот во земјата. Со ова темпо на нови капацитети за производство на електрична енергија од обновливи извори силно зајакна енергетската независност, а увозот на електрична енергија се намали за една третина, изјави претседателот на Регулаторната комисија, Марко Бислимоски.
Инаку, вкупните инсталирани капацитети за производство на електрична енергија од обновливи извори изминатите две години изнесува 551,2 мегавати, што е доволно за со електрична енергија да се снабдат 175.500 домаќинства.