Расте јавниот долг на државата. Последните податоци на Народната банка покажуваат дека само за еден квартал јавниот долг пораснал за 0,6 процентни поени односно вкупно 48,8% од БДП. Од друга страна капиталните инвестиции кои што во најголем дел се проекти финансирани со задолжувања слабо се реализираат. Но, од Владата тврдат дека сите нови задолжувања биле продуктивни, а високиот јавен долг го објаснуваат со непродуктивните долгови на претходната влада. Министерот за финансии уверува – Македонија добро управува со јавниот долг.
„Промената во задолжувањето значи земјата практично оди со буџетски дефицит, не одиме со суфицит. Исто така имаме огромни долгови кои што доспеваат од претходно земени кредити и ние постојано ги сервисираме“, изјави Драган Тевдовски, министер за финансии.
Премиерот Заев пак потврдува дека поради застој во проекти како што се изградбата на железницата и гасификацијата, ефектот за задолжувањата е – како што рече – „катастрофален“, односно се плаќа камата, а проектите не се спроведуваат. Тој сепак е оптимист и тврди дека до крајот на годината конечно ќе почне забрзана реализација на овие проекти.
Последните податоци на Народната банка покажуваат зголемувањето на јавниот долг во вториот квартал годинава. Тоа пред сè се должи на зголемувањето на надворешниот долг од 33% на 33,4% од БДП и зголемување на внатрешниот долг од 15,2% на 15,4%. Тоа се всушност заеми од домашни и странски финансиски институции.